Протести низ Полска поради смрт на жена на која не и бил дозволен абортус

Синоќа во Полска се одржаа протести во повеќе градови поради смртта на 37-годишна жена на која не и бил дозволен абортус. Протестите доаѓаат една година откако земјата ги донесе едни од најрестриктивните закони за абортус во Европа.

Демонстрантите на улиците во Варшава положуваа цвеќе во спомен на Агњешка Т, која починала вчера. Таа била трудна со близнаци кога срцето на еден од фетусите престанало да чука, а докторите одбиле да извршат абортус. Во соопштение до јавноста, нејзиното семејство ја обвини власта дека „им се крвави рацете“, пренесе Гардијан.

Организацијата Полски женски штрајк повика на луѓето од целата држава да се соберат пред седиштата на владејачката Партија на правото и правдата и да организира блокади на патиштата во следните денови.

„Продолжуваме да протестираме за никој друг да не мора да умре. Полските закони за абортус убиваат. Уште една жена умре поради неопходна медицинска процедура која не беше извршена на време“, изјавила Марта Лемпарт, која ги организираше протестите.

Агњешка првично била примена во болница во градот Честочова со болки во стомакот на 21 декември, кога била во првото тримесечје од нејзината бременост. Нејзиното семејство вели дека оттогаш нејзината здравствена состојба само се влошувала.

Иако на еден од фетусите срцето престанало да чука, докторите одбиле да го отстранат фетусот, правдајќи ја нивната одлука со законите за абортус. Тие чекале уште неколку дена додека не умрел и вториот фетус. Нејзината бременост била прекината дури два дена подоцна, на 31 декември.

По абортусот Агњешка останала во болница, а нејзиното здравје и понатаму продолжило да се влошува. Нејзиното семејство се сомнева дека таа починала од сепса, но засега нема официјална причина за смртта од болницата. Според соопштението од болницата Агњешка била позитивна на Ковид пред нејзината смрт, иако добила два негативни тестови кога првично била сместена во установата.

Случајот се совпадна со првата годишнина од судската пресуда во 2021 година со која абортусот поради абнормалности на фетусот беше прогласена за нелегална. Во Полска абортус во моментов може да се изврши само во случаи на силување, инцест или кога е загрозен животот на мајката.