Отворен првиот младински центар „Сакам да знам“ во Куманово

Младите во Куманово ќе можат да добијат бесплатни психолошки советувања, едукации и информираност за сексуално и репродуктивно здравје и права со отворањето на првиот младински центар „Сакам да знам“ во градот.

Центарот го отворија ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување во соработка со Здравствениот дом во Куманово, каде што и ќе биде сместен центарот.

Овој младински центар, прв од ваков вид во Куманово, ќе нуди бесплатни и доверливи психолошки услуги за младите, дистрибуција на информативни материјали за сексуално и репродуктивно здравје, врснички едукации за сексуално и репродуктивно здравје, како и простор за младински активизам за сите млади, а особено за оние кои се социјално исклучени или маргинализирани.

Младинскиот центар „Сакам да знам“ во Куманово го отвори Претседателката на Управниот одбор на ХЕРА Румена Ѓердовска Којчески која истакна дека благодарение на поддршката и соработката со Здравствениот дом во Куманово и со локалната самоуправа, младите во Куманово отсега ќе имаат пристап до целосно бесплатни и доверливи услуги за сексуалното и репродуктивното здравје.

„Центарот во Куманово се отвора по примерот на постојните два младински центри „Сакам да знам“ на ХЕРА во Скопје кои постојат повеќе од 15 години и се препознаени од  Министерството за здравство, Институтот за јавно здравје и Инфективната клиника. Годишно ги посетуваат меѓу 2000 и 3000 луѓе заради дерматовенеролошки и гинеколошки прегледи, услуги за советување и тестирање за ХИВ, советувања од психолози, социјални работници, правна помош и врсничките едукации“, рече Ѓердовска Којчески.

Од ХЕРА додаваат дека со отворањето на ваков центар директно се поддржува остварувањето на правата на младите за пристап до научно-засновани и медицински поткрепени информации и едукација за тоа како да го унапредат своето сексуално и репродуктивно здравје. Воедно, добиваат и безбеден простор каде што ќе може да се обратат за прашањата од нивното секојдневие и советување од стручни лица, како и информирање и едукација од нивни врсници.

Фотографии: ХЕРА