Бајден потпиша указ со кој треба да се олесни патувањето заради абортус

Американскиот претседател Џо Бајден потпиша указ со кој се наложува на министерот за здравство да преземе акција со која ќе им се помогне на пациентите кои патуваат надвор од својата сојузна држава за абортус.

Со указот министерството за здравство треба да овозможи користење на средства од здравственото осигурување „Медикеид“ при  при патувања надвор од сојузната држава за услуги поврзани со репродуктивното здравје.

Ова е втор указ кој Бајден го потпишува за заштита на репродуктивното здравје по укинувањето на националното право на абортус од страна на Врховниот суд на САД. Претходно претседателот наложи на Министерството за здравство да најде начин да помогне на Американците кои живеат во сојузните држави каде е ограничено правото на абортус.

Оваа одлука на Бајден доаѓа еден ден откако Канзас, една од најконзервативните сојузни американски држави, на референдум изгласа абортусот да остане легален.

„Републиканците немаат поим за силата на американските жени. Синоќа во Канзас ја открија оваа моќ“, рече Бајден при потпишувањето на указот.

И покрај овие чекори, многу активисти го критикуваат претседателот и неговата администрација поради бавната реакција на одлуката на Врховниот суд, особено бидејќи нацрт-одлуката на судот беше протечена неколку недели пред официјалната одлука. Активисти и дел од членовите на Конгресот од Демократската партија, побараа од власта да го прогласи пристапот до абортус како јавно-здравствена вонредна ситуација.

Во дел од сојузните држави за дел од жените на кои им потребна медицинска помош за абортус, оваа медицинска процедура се одложува или одбива поради конфузијата околу законите, што го става животот на овие жени во ризик.

Врховниот суд на САД на крајот на јуни го укина 50-години стариот преседан „Ро против Вејд“ кој гарантираше национално право на абортус. Со оваа одлука милиони жени низ САД загубија право на абортус.