Американскиот врховен суд одлучил да го укине правото на абортус, покажуваат протечени документи

Американскиот врховен суд донел првична пресуда да го укине преседанот „Ро против Вејд“, со кој се легализира абортусот на национално ниво во Соединетите Американски Држави, покажува протечената нацрт-одлука која ја објави Политико.

„Ро против Вејд“ е одлука на судот од 1973 година со кое беше признато уставното право на абортус, како и подоцнежната одлука од 1992 година во случајот „Планирано родителство против Кејси“ во кое генерално беше потврдено ова право. Со нејзиното евентуално поништување би се активирале поединечните државни закони со кои абортусот веднаш би станал нелегален во 22 американски сојузни држави.

Ова многу невообичаено протекување на документи од највисоката судска институција во САД, покажало дека одлуката, напишана од судијата Самуел Алито, била донесена со мнозинство гласови и циркулирала во судот од 10-ти февруари.

Во нацрт-одлуката, која е напишана на 98 страници, се наведува дека одлуката во случајот „Ро против Вејд“ била „исклучително погрешна“.

„Одлуката беше погрешна од самиот старт. Нејзиното образложение беше исклучително слабо и одлуката имаше штетни последици. Одлуката не само што не ја сплоти државата околу прашањето на абортусот, туку само ја вжешти дебатата и ги продлабочи поделбите. Сметаме дека Ро и Кејси (судските преседани) мора да бидат поништени. Време е да се внимава на уставот и прашањето на абортусот да се врати кај народните избраници“, стои во нацрт-одлуката на Врховниот суд.

За одлуката, покрај судијата Алито, гласале и четирите други врховни судии номинирани од Републиканската партија.

Процедурата е таква што по првичното гласање на еден од судиите му се доделува мнозинскиот став и тој подготвува нацрт-одлука која потоа се распределува помеѓу судиите. Меѓу првичниот глас и конечната официјална пресуда постои можност гласовите да се променат. Одлуката е конечна кога ќе биде објавена од Врховниот суд.

Врховниот суд повторно расправаше по овој преседан откако државата Мисисипи поднесе барање да се разгледа нивниот обид за забрана на најголемиот број абортуси по 15-тата недела од бременоста. Укинувањето на „Ро против Вејд“ би значело крај на гаранциите за национална заштита на репродуктивните права кои траеја половина век и би овозможило секоја држава да може да носи одлука дали ќе го ограничи или забрани абортусот.

Неколку други американски држави предводени од републикански власти веќе усвоија многу рестриктивни закони за абортус во исчекување на одлуката на Врховниот суд, кој со номинациите од претходната администрација на претседателот Доналд Трамп, во моментов има републиканско мнозинство од 6 спрема 3.

По информациите за судската одлука стотици граѓани излегоа на мирен протест пред седиштето на Врховниот суд во Вашингтон.

Претставниците на Демократската партија ја осудија протечената пресуда на судот. Во заедничко соопштение на демократските лидери во Конгресот, Ненси Пелоси и Чак Шумер, тие посочуваат дека укинувањето на „Ро против Вејд“ би било „катаклизма“ и „една од најлошите и најштетни одлуки во модерната историја“.

„Доколку овој документ е точен, Врховниот суд ќе донесе најголемо ограничување на правата во последните 50 години – не само за жените, туку за сите Американци“, напишаа тие во соопштението.

Анкетите во САД покажуваат дека релативно мал број Американци сакаат да се укине одлуката „Ро против Вејд“. Во 2020 година 69% од гласачите на претседателските избори имале став дека Врховниот суд не треба да го чепка националното право на абортус како што е во моментов, додека само 29% од гласачите сметале дека Судот треба да го укине овој преседан.