„Нема да отстапиме“ – Илјадници граѓани низ САД на протести за правото на абортус

Илјадници граѓани учествуваа на протестите низ САД вчера за да го изразат револтот поради извесната одлука на Врховниот суд за укинување на правниот преседан од 1973 година, кој го легализираше абортусот низ целата земја.

Организаторите велат дека биле одржани повеќе од 380 протести, меѓу нив и големи собири во Вашингтон, Њујорк, Лос Анџелес и Чикаго. На демонстрациите се бараше да не се укинува правото на абортус од страна на Врховниот суд каде мнозинството се конзервативни про-десничарски судии.

Протестите се одржаа под слоганите „Нема да отстапиме“ и „Репродуктивна правда за сите“, а граѓаните извикуваа пароли како „Моето тело, мој избор“.

Во главниот град, демонстрантите се собраа пред Споменикот Вашингтон по што маршираа до Врховниот суд. Дел од граѓаните носеа предмети како закачалки, кои ги симболизираат опасните практики на вршење небезбеден абортус пред ова право да биде гарантирано за жените.

„Доколку сакаат борба, ќе добијат борба. Мора да ставиме крај на нападите врз нашите тела. Може да очекувате жените да бидат целосно непослушни додека оваа власт не почне да соработува со нас“, изјави Рејчел Кармона, директорка на „Женски марш“, една од групите кои ги организираа протестите заедно со „Планирано родителство“, „УлтраВиолетово“ и „ОдимеПонатаму“.

Протестите се предизвикани од протечената нацрт-одлука на Врховниот суд во која е одлучено да се укине пресудата „Ро против Вејд“, историскиот правен преседан кој обезбеди национална заштита на правото на аборутус.

Доколку оваа одлука стане официјална, абортусот ќе стане нелегален во 26 сојузни американски држави, најголем дел на југот и средниот запад на земјата. Со тоа би се принудиле жените да патуваат стотици километри до најблиските клиники во соседните сојузни држави, каде абортусот би останал легален, а значително ќе се зголеми и ризикот за небезбедни абортуси изведени во домашни услови, или пак во нелегални клиники.

Иако мнозинството Американци даваат поддршка за правото на абортус, оваа тема е жешка тема со децении помеѓу Демократската и Републиканската партија, со тоа што републиканците постојано вршат притисок за намалување на правото на абортус, или негово целосно укинување.

Додека конзервативците ја прославија објавената нацрт-одлука, либералите жестоко се спротивставуваат на укинувањето на националното право на абортус. Тие претходниве денови се собираа пред зградата на Врховниот суд во Вашингтон, па дури и пред домовите на дел од конзервативните судии за да го искажат своето незадоволство.

Вчерашните протести се одржуваат три дена откако демократите во Американскиот сенат направија симболичен обид да изгласаат закон со кој правото на абортус ќе се унапреди во федерален закон кој би важел на цела територија на САД, наместо како што е во моментов – секоја сојузна држава да одлучува сама за себе. Сите 50 републиканци и еден конзервативен демократски сенатор гласаа против оваа идеја, за чие усвојување беа потребни најмалку 60 гласови во Сенатот.