Повеќе од 370 протести најавени низ САД поради укинувањето на правото на абортус

Откако станува се` поизвесно дека Американскиот врховен суд ќе го укине историскиот преседан од 1973 година со кој абортусот стана легален на национално ниво, стотици илјади граѓани низ САД планираат да излезат на улиците и да протестираат против оваа одлука.

Коалицијата на организации како „Планирано родителство“, „УлтраВиолетово“, „ОдимеПонатаму“ и „Женски Марш“ се организираат за масовни протести денеска под слоганот „Забрана на нашите тела“. Според организациите досега се планирани повеќе од 370 протести низ земјата, меѓу нив и во Вашингтон, Њујорк, Лос Анџелес и Чикаго.

Демонстрациите доаѓаат по протечената нацрт-одлука на Врховниот суд на 2 мај, која покажа дека пет конзервативни судии од деветчлениот состав на судот гласале за да се укине преседанот „Ро против Вејд“ стар скоро 50 години со кој се гарантираше правото на абортус низ целата држава.

Доколку оваа првична пресуда не биде значително променета пред да стане официјална, тоа практично ќе значи дека абортусот веднаш би станал нелегален во повеќе од половина од американските сојузни држави. Жените од овие 26 држави кои се против абортусот би биле принудени или да патуваат стотици километри во болници во државите каде прекинот на бременоста е легален, или пак да се подложуваат на небезбеден абортус во домашни услови, или пак преку разни неофицијални или нелегални групации.

Додека конзервативците ја прославија објавената нацрт-одлука, либералите жестоко се спротивставуваат на укинувањето на националното право на абортус. Тие претходниве денови се собираа пред зградата на Врховниот суд во Вашингтон, па дури и пред домовите на дел од конзервативните судии за да го искажат своето незадоволство.

Протестите под слоганот „Забрана на нашите тела“ ќе се одржат три дена откако демократите во Американскиот сенат направија симболичен обид да изгласаат закон со кој правото на абортус ќе се унапреди во федерален закон кој би важел на цела територија на САД, наместо како што е во моментов – секоја сојузна држава да одлучува сама за себе. Сите 50 републиканци и еден конзервативен демократски сенатор гласаа против оваа идеја, за чие усвојување беа потребни најмалку 60 гласови во Сенатот.