Граѓани на Трнодол и Жданец со претставка до Општина Карпош за новиот ДУП

Граѓани на скопските населби Трнодол и Жданец во општина Карпош поднесоа претставка против донесувањето на новиот Детален урбанистички план, според кој велат во Трнодол ќе се гради зграда. Граѓаните беа против начинот на кои им беше презентиран предлог Деталниот урбанистички план за градска четврт Ј03, блок 7. Тие не се согласуваат со овој предлог, пренесе МКД.мк.

Координаторот на незадоволните жители од овие населби, Фирдаус Неби, нагласи дека незадоволството почнало кога јавната презентација на планот била закажана во период на годишни одмори, па затоа немало и јавна презентација, по што градоначалникот Стефан Богоев ја презакажа за во септември.

Жителите велат дека земјиштето во Трнодол е нестабилно и можно е пролизгување на земјиштето по евентуални долготрајни врнежи. Освен тоа тие се и против промената на влезот и излезот во наслебата Трнодол.

„Постојната улица „Трнодол“ се прекинува пред самиот влез/излез за приклучување на улицата „Козле“ со тоа што се формира нова парцела кај постојната КП. бр.5323 (поранешен сервис ‘Тотоле’), а влезот/излезот се пренасочува околу новата парцела за да биде преку улицата за влез/излез во населбата Жданец, па оттаму со вртење во десно да се овозможи приклучување на улицата ‘Козле’. Со ова максимално се усложнува пристапот и во двете населби, безбедноста на сообраќајот е сведена на нулто ниво, не само од аспект на автомобили, туку и посериозно, од аспект на интервентни и сервисни возила и при временски непогоди и природни катастрофи“, нагласи Неби.

„Според новиот ДУП предвидено е и зголемување на катноста на градежните парцели П + 2 + Пк, односно висина на градежен венец 10,2 метри, намена А1, што значи четири станбени единици на една градежна парцела со што ќе се зголеми густината на населението, сообраќајот, оптеретување на постојната инфарструктура… кои и во постојната состојба претставуваат оптеретување, како и намалување на протокот на свеж воздух од Водно низ населбата и во долниот дел од скопската котлина“, велат жителите.

Од општина Карпош, пак, велат дека не се точни тврдењата дека се менува влезот на Трнодол, а според нив не биле точни ниту тврдењата дека на т.н. „чатал“ ќе се гради нова зграда или пак дека каналот ќе се затвори.

„Токму денешната изјава на двајца од претставниците на граѓани од Трнодол е потврда за промените во  начинот на носењето на деталните урбанистички планови во Карпош. Денеска, граѓаните имаат можност да ги посочат своите забелешки и предлози уште на почетокот кога се носи одреден ДУП, нешто, што за жал не претставуваше пракса во минатото. Поканата за јавна презентација беше објавена на веб страната на Општина Карпош, на видливо место, на социјалните мрежи, без намера да се сокрие нешто. Затоа и посетеноста на првата јавна презентација беше голема, но, за жал, не постоеја услови и работна атмосфера за детално, од стручните служби, да се образложат дилемите кои ги имаа засегнатите граѓани“, соопштуваат општинарите. 

 Од таму ги охрабруваат граѓаните да дојдат и на втората јавна презентација, оваа есен, каде што, велат тие, стручни лица (претставници од планерската куќа), заедно со претставници од Секторот за урбанизам, повторно ќе го образложат Предлог ДУП-от за Градска четврт Ј  03 Блок 7.

 „Партнерскиот однос со граѓаните ќе продолжи независно дали ќе постојат обиди за политички злоупотреби или пласирање на лажни вести“, се вели во соопштението на Карпош.