„Графити за Југославија во постјугословенскиот урбан простор“ – Предавање на професорот Митја Великоња

Македонското студентско етнолошко друштво и Институтот за етнологија и антропологија на 27 октомври организираат предавање на професорот Митја Великоња, од Универзитетот во Љубљана, на тема „Југославија по Југославија – Графити за Југославија во постјугословенскиот урбан простор“.

Предавањето ќе се одржи во просториите на Институтот од 12 часот.

На 28 октомври, пак, во СЦ „Дуња“ од 18 часот ќе се одржи промоција на книгата на Великоња „Постсоцијалистички политички графити на Балканот и во Централна Европа“.

„Oваа теориски и емпириски заснована книга ги истражува политичките графити во пост-социјалистичките балкански и централно-европски земји како субверзивни политички средства. И покрај зголемената глобална дигитализација, графитите остануваат широко распространети и популарни, нудејќи визуелна индикација за културните услови, социјалната динамика и структурите на моќ во едно општество, и тоа преку само неколку зборови или слики. Користејќи квалитативни и квантитативни методи, како и детална интердисциплинарна анализа на поимот „патриотски“, екстремно десничарски, навивачки, носталгични и шовинистички графити и улична уметност, Великоња се занимава со тоа кој и зошто го користи графитот како политички медиум и која е неговата целна група на којашто се обраќа“, велат организаторите.

Издавач на книгата е Македонското студентско етнолошко друштво, а уредник на изданието и преводот е од Инес Црвенковска Ристеска, вонреден професор на Институтот за етнологија и антропологија. Книгата ќе ја промовира Филип Јовановски, уметнички директор и визуелен уметник на АКТО, а настанот ќе го модерира Еда Старова Тахир, асистентка на Институтот за етнологија и антропологија.

Повеќе детали за настаните може да најдете на следниов ЛИНК.