Ватикан издал поштенска марка со улична уметност, уметницата поднела тужба

Една вечер на почетокот на 2019 година, уличната уметница од Рим, Алесиа Бабро залепила свој цртеж од Исус на еден од мостовите близу Ватикан. Една година подоцна, таа се шокирала кога дознала дека Ватикан ја искористил нејзината уметност за марката по повод Велигден, пренесува „Euronews“.

Бабро ја тужела ватиканската канцеларија за телекомуникации минатиот месец, тврдејќи дека Ватикан профитира од нејзината креативност и ја злоупотребува нејзината уметност. Уметницата бара отштета од 130.000 евра, но вели дека Ватикан никогаш официјално не одговорил на нејзините барања за договор откако открила дека тие ја употребиле сликата без нејзина дозвола и ја пуштиле во употреба.

„Не ми се веруваше. Најискрено мислев дека е некоја шега“, изјавила таа.

Ватикан е дом на дел од најграндиозната уметност некогаш направена и има лиценцирано сè – од Систинската капела до „Пиета“ на Микеанџело. Но сега тркалото е свртено и Ватикан е обвинет за злоупотреба на интелектуалната сопственост на една улична уметница.

Ватиканската канцеларија за марки одбила да коментира за тужбата, а од ватиканската канцеларија за односи со јавност исто така одбиле да дадат коментар.

Адвокатите кои се бават со проблематиката на интелектуалната сопственост, а се запознаени со ватиканскиот случај, велат дека во Италија е забележан раст на обожаватели на Бенкси. Сепак, тие сметаат дека дури и анонимната улична уметност, односно герила уметноста, треба да биде заштитена од недозволено корпоративно користење, или во овој случај – црковно користење.

Масимо Стерпи, чија италијанска адвокатска канцеларија го претставувала Бенкси во случаи на злоупотреба на интелектуална сопственост, истакнал дека законот за интелектуална сопственост ги штити уметниците и од Европа и од САД, дури и кога тие го создале делото на јавна површина, или пак нелегално, на приватна површина.

„Законот не прави разлика дали делото е од хартија, платно, нацртано на ѕид или на мост. Луѓето што комерцијализираат улична уметност без да направат напор да го исконтактираат уметникот и да побараат дозвола, веќе ризикуваат да бидат тужени“, истакнал тој.

Во случајов се работи за цртеж долг 35 центиметри на кое е нацртан Исус во стил на познатиот германски уметник Хајнрих Хофман. На торсото на Исус, уметницата нацртала човечко срце и пораката „Само искористи го“ врз него.

Цртежот е дел од проектот на Бабро „Само искористи го“ кој започнал во 2013 година и вклучувал и цртежи од Буда, Ганеша и Богородица, кои може да се забележат на ѕидови, скали и мостови ширум Рим.

Бабро истакнала дека концептот на проектот е да се промовира интелигенцијата и мозокот на срцето, на еден холистички, неосудувачки начин.

Ватикан испринтал над 80.000 марки од цртежот на Бабро, кои се продавале по 1.15 евра за парче. Марките сè уште се достапни за купување во ватиканската пошта, а минатата недела дури биле ставени и на попуст промоција.

Бабро истакнала дека нејзиниот цртеж го залепила на главниот мост кој води до Ватикан, а на цртежот се наоѓале и нејзините иницијали.

Таа открила дека Ватикан го употребил нејзиниот цртеж за поштенска марка, кога нејзините колеги ја препознале уметноста.

Оливери, ватиканско лице кое работело во службата, за локален медиум изјавил дека го фотографирал цртежот кога со велосипед се шетал во околината на Ватикан, па одлучил да го искористи цртежот за велигденската марка со цел таа да е допадлива на новите генерации.

Тој дополнил дека малку стравувал дека неговите шефови нема да прифатат шик, графити решение за велигденската марка, но се изненадил кога предлогот бил едногласно усвоен.

Адвокатите на Бабро испратиле регистрирано писмо и мејл до поштенската канцеларија, во кое пријавиле дека Бабро е уметницата, но не добиле никаков писмен одговор за нивнот барање за состанок.

Адвокатите за интелектуална сопственост велат дека Ватикан како самостојна држава, нема да се поведе по одлуката на италијанските судови, бидејќи комерцијалната активност се случила во Италија.