„Еко Логик“ со отворен повик за млади уметници – „Graffiti Art Takes the Street”

Здружението на граѓани „Еко Логик“ отвори повик за ангажирање графити-уметници кои ќе создадат уникатни графити на 10 градски локации, со цел да се поттикнат младите и амбициозни артисти да креираат улична уметност и да се зголеми бројот на графити и да се поттикне нивната легализација.

Со тоа, би се пренеле важни општествени пораки за животната средина, климатските промени и екологијата, но и младинско-општествен активизам, велат од здружението.

Повикот е отворен до 1 септември, а според условите за пријавување, кандидатите треба да се на возраст од 18 до 29 години, да имаат портфолио од своите изработени дела, интерес за улична уметност, добро познавање на англиски јазик и да се отворени за учество во снимање на краток филм за цртањето на графитите.

Во рамки на повикот ќе бидат избрани 10 градски локации со поголема видливост, а петте избрани улични уметници ќе имаат можност да нацртаат по два графита. Временската рамка за изработка на уличната уметност е до 1 ноември 2021 година.

Од пријавените учесници се очекува да имаат вештини, интерес, и искуство во креирање улична уметност на теми од екологијата, животната средина, климатските промени и младинскиот активизам.

За пријавување, кандидатите треба да достават професионално портфолио од нивни дела, како и финансиска бруто понуда за услугата во денарска противвредност. При креирање на понудата, уметниците треба да ја земат предвид големината на графитот кој може да биде во три големини 2×2, 2×3, или 3×3.

Портфолиото, заедно со финансиската понуда, потребно е да бидат доставени по е-пошта на mneshkoska.ecologic@gmail.com, најдоцна дo 20 август, по што тимот на „Еко Логик“ ќе направи соодветна селекција.

„Целта на овој повик е да се предизвика интерес кај млади уметници кои имаат искуство со креирање графити, да се прошири мрежата на контакти помеѓу уметниците, но и да се подобри нивната вработливост, потенцијал и стекнување искуство“, истакнуваат од „Еко логик“.

Во текот на креирањето на графитите, тимот на „Еко Логик“ ќе има редовна и блиска комуникација со уметниците, и ќе биде на нивно располагање за било каква асистенција, насока, како и набљудување на изработката на графити.