Отворен повик за уметници за учество на „Бела ноќ“

ЈУ Универзална сала – Скопје и градот Скопје објавија отворен јавен повик за учество на осумнаесетото  издание на културниот настан „Бела ноќ 2022“ .

Овогодишното издание на „Бела ноќ“ ќе се одржи на 1 октомври на повеќе централни локации низ градот Скопје.

Повикот е отворен за сите уметници кои се заинтересирани да аплицираат и да понудат иновативна програма со цел да се збогати културната понуда на градот Скопје. Крајниот рок на аплицирање е 25 јули.

На повикот може да се пријават уметници од најразлични области, односно визуелни уметности: ликовна уметност, фотографија, инсталација, видеоарт и стрип, применети уметности: aрхитектура, визуелен/индустриски/веб дизајн, мода, дигитални креации, видеоарт и инсталации, музика, филм, театар, јавна уметност и урбани изведби и перформанси.

Организаторите посочуваат дека селекцијата ќе биде направена од страна на жири комисија врз основ на поднесените апликации а водејќи се по квалитетот, иновацијата и оригиналноста на идејата, презентирање и афирмирање на современото творештво, урбаната култура и јавната уметност во опсег на предложениот концепт.

Настанот „Бела ноќ“ секоја година се фокусира на активности од областа на културата на територија на централното градско подрачје, со цел да се зајакне креативниот потенцијал на градот и да се заинтригира јавноста.

Повеќе инфо ТУКА.