Отворен повик за средношколски наратори на „Самоглас“

„Флуктус“ – Скопје, Здружението за афирмација на уметност, распишува конкурс за наратор на аудио книга, која потоа ќе биде достапна на платформата „Самоглас“. Конкурсот ќе биде отворен до 30 септември 2022 година.

Од „Флуктус“ објаснуваат дека „Самоглас“ е веб платформа која нуди пристап до аудио библиотека од над 90 наслови, а дополнуваат дека поттик во креирањето на „Самоглас“ била идентификацијата на потребата на средношколците за користење на аудио книги.

Конкурсот е отворен за сите средношколци од средните училишта на територија на Р.С. Македонија, а сите заинтересирани треба да ја пополнат електронската форма за учество, а најдоцна еден ден од пополнување на формата, пријавените ќе добијат материјали и упатства по мејл за тоа како да ја изработат својата снимка.

„Добиените снимки ќе бидат оценети од страна на тричлена стручна комисија, а информациите за избраниот наратор ќе бидат објавени најдоцна до 15 октомври. По објавување на резултатите, избраниот средношколец/ка ќе започне со бесплатен подготвителен курс, по кој следи снимање на делото во професионално студио“, се вели во конкурсот.

Аудио платформата „Самоглас“ е бесплатна за користење, а може да употребува преку  креирање на кориснички профил на www.samoglas.mk или преку користење на мобилните апликации на Самоглас, достапни на „AppStore“, „PlayStore“ и „AppGallery“.