На 14 јуни започнуваат уписите во средните училишта

Уписите во средно образование ќе се реализираат преку три пријавувања во текот на следниот месец, почнувајќи од 14 јуни, информираат од Министерството за образование и наука.

Учениците кои се упатени на поправни испити, испит на година, испити за побрзо напредување, може да се запишат во училиштата во кои има слободни места после јунскиот рок, поточно на 23 август, за што ќе треба да достават доказна документација.

Конкурсот за учебната 2021/2022 година предвидува во 109 средни училишта вкупно 30.053 слободни ученички места во 913 паралелки, од кои 19.602 во стручно образование во 604 паралелки, 9.261 во гимназиско образование во 274 паралелки и 1.190 ученички места во 35 паралелки во уметничко образование, спортска академија, спортска гимназија и математичко – информатичка гимназија.

„Идните средношколци имаат доволно време да размислат каде ќе продолжат да се образуваат.  Препораката на Министерството за образование и наука е одлуката да се носи исклучиво согласно личните убедувања и афинитети на учениците, но предвид секогаш да се имаат и информациите за тоа каков кадар е потребен во стопанството, а согласно кои, средното стручно образование обезбедува поголема веројатност за брз и успешен настап на пазарот на трудот“, посочуваат од МОН.

Сепак, фокусот е ставен на стручното образование. Министерството и Швајцарската агенција за развој и соработка периодов ја реализираа кампањата „Учи паметно, работи стручно“ која има за цел да ја подигне јавната свест за средното стручно образование. Во склоп на кампањата се одржаа повеќе јавни настани и презентации на училиштата пред идните средношколци.

„Преку дијалог се оформија 97 паралелки во 46 средни училишта во 25 општини, кои заедно со над 200 компании ќе спроведуваат концепт на дуално образование, кој е интересен за младите затоа што се фокусира повеќе на практична обука на работно место, наместо на изучување теорија во училница“, информираат од МОН.

Оттаму соопштија дека е воведена и нова политика на стипендирање на средношколците, согласно која, за новата учебна година предвидени се 2000 стипендии во вредност од 3.500 денари на месечно ниво за 9 месеци во годината за сите кои ќе се запишат во дуална паралелка или во тригодишно стручно образование. Додека, 200 стипендии во износ од 2.200 денари на месечно ниво за 9 месеци во годината ќе бидат доделени на ученици запишани во прва година во дефицитарните струки како електротехничката, машинската, угостителско-туристичката, градежно-геодетската, земјоделско-ветеринарната и текстилно-кожарската струка.