Хелсиншки: Да се најде итно решение со кое ќе се овозможат асистенти на сите средношколци со попреченост

Хелсиншкиот комитет за човекови права ги повикува претставниците на извршната и законодавната власт да ги донесат потребните законски измени, со кои ќе се регулира воведувањето ваква асистенција во средните училишта.

Во реакцијата стои дека запоставувањето на оваа процедура нанесува огромна штета на децата и нивните родители.

„Иако средното образование е задолжително, и оваа учебна година започнува без образовни асистенти во средните училишта. Соодветните законски измени ниту се донесени, ниту се знае кога би се усвоиле и стапиле на сила. Но, недостигот на политичка волја за справување со овој проблем се согледува и во тоа што Министерството за образование не знае ни точен број на средношколци кои би имале потреба од образовни асистенти. Тоа укажува дека инклузијата на децата со попреченост, како најранлива група во општеството, не е меѓу приоритетите на надлежните институции“, велат од Хелсиншки.

Оттаму бараат апел да се најде итно решение со кое ќе се овозможат асистенти на сите средношколци со попреченост до донесувањето на законот.

Иако, како што се наведува во реакцијата, неколку општини објавиле јавни повици за ангажирање на образовни асистенти преку програма за општокорисна работа, тоа ни приближно не ги задоволува потребите, а, додаваат од Хелсиншки, дополнително ги става во нееднаква положба децата од различни општини.

„Политичките калкулации, блокадите во носењето закони и неодговорноста која се граничи со нехуманост не смеат и понатаму да ја минираат инклузијата на децата во општеството“, порачуваат од оттаму.

Според Комитетот, меѓународните документи кои се ратификувани и од нашата држава се доволна правна основа за МОН да донесе итно решение со кое децата со попреченост ќе ја добијат неопходната асистенција за да бидат вклучени во наставниот процес.