МОН најавува 720 образовни асистенти во основните училишта од септември

Министерството за образование и наука (МОН) најавува дека до почетокот на следната учебна година во основните училишта низ Северна Македонија ќе бидат ангажирани вкупно 720 образовни асистенти, за кои огласите ќе бидат објавени наскоро.

Образовната асистенција е обврска уредена со закон, а образовните асистенти помагаат на учениците со попреченост кои следат настава во редовните основни училишта.

Од МОН потенцираат дека минатата учебна година, биле ангажирани 500 образовни асистенти, од кои 260 во скопскиот, кумановскиот и полошкиот регион и 240 асистенти во други три региони, односно по 80 асистенти во вардарскиот, југоисточниот и пелагонискиот регион.

„Имајќи ги предвид искажаните потреби на родителите на учениците со попреченост, во новата учебна 2022-2023 година, ќе бидат ангажирани вкупно 720 образовни асистенти, а јавните огласи за пријавување на заинтересираните, во следните неколку денови ќе ги објават основните училишта со ресурсни центри кои воедно и се задолжени за спроведување на целата постапка за селекција“, соопштија од МОН.

Согласно Правилникот за нормативот, описот на компетенциите и работните задачи на образовниот и личниот асистент, образовен асистент може да биде лице кое се стекнало со звање: специјален едукатор и рехабилитатор, педагог, психолог, социјален работник, социјален и рехабилитациски педагог со завршено VII/1 степен т.е. VIA според македонската рамка на квалификации  МРК или 240 ЕКТС, како и лице кое што ги исполнува условите за наставник во одделенска настава (VII/1 степен т.е. VI A според МРК  или 240 ЕКТС), односно наставник во предметна настава (VII/1 степен т.е. VI A според МРК  или 240 ЕКТС).

Според МОН, по конечниот избор, образовните асистенти се вработуваат во основните училишта со ресурсни центри, со месечен надомест и платени придонеси од задолжително социјално осигурување. Од Министерството ги повикаа сите граѓани со соодветно образование и со желба за работа со ученици со попреченост, да ги следат веб страниците на основните училишта со ресурсни центри и да се пријават на повикот од соодветното училиште за кое се заинтересирани.

Од Министерството додаваат дека подигнувањето на степенот на инклузивност на националниот образовен систем е стратешки приоритет и клучна цел во програмата за работа на Министерството за образование и наука, кон која, според нив, континуирано се насочуваат сé повеќе средства и активности во чија реализација се вклучуваат голем број општествени чинители.