Глобалното затоплување го прави Гренланд позелен

Нова студија која користела сателитски снимки за следење на промените во изминатите 30 години покажа дека околу 28.500 квадратни километри на Гренланд со ледена покривка и глечери се заменети со мочуришта, грмушна вегетација и области со карпи, пренесува Ен-Би-Си Њуз.

Податоците објавени во списанието „Scientific Reports“ предизвикуваат загриженост за тоа како мразот што се повлекува на Гренланд може да ја загрози стабилноста на теренот, да го влоши зголемувањето на нивото на морето и да придонесе за дополнителни емисии на стакленички гасови во областите кои се претворија во мочуришта што произведуваат метан, чие присуство во атмосферата придонесува за глобалното затоплување и климатските промени.

„Мразот што се повлекува на Гренланд и растечката вегетација имаат и културни последици, особено за домородните популации кои се потпираат на овие екосистеми за традиционалните практики на лов. Покрај ова, губењето на ледената маса значително придонесува за глобалното зголемување на нивото на морето, тренд кој поставува значителни предизвици и сега и во иднина“, заклучи главниот автор на студијата д-р Мајкл Грајмс.

Научниците процениле дека ако ледената покривка на Гренланд целосно се стопи, може да го подигне глобалното ниво на морињата за повеќе од 23 стапки.

„Видовме знаци дека топењето на мразот предизвикува други реакции што ќе резултираат со понатамошно негово топење и дополнително позеленување на Гренланд. Водата ослободена од стопениот мраз го придвижува талогот и тињата, а тоа на крајот формира мочуришта и ридови“, вели еден од авторите на студијата, Џонатан Каривик.

Инаку, овој регион често се смета за „нулта точка“ за климатската криза бидејќи дури и малите поместувања на температурата можат да имаат големо влијание низ целиот арктички регион и низ целиот свет.