Илјадници пингвини угинале откако се стопил мраз на Антарктикот

На Антарктикот е забележано катастрофален помор на млади кралски пингвини откако мразот под нивната колонија се стопил и растурил пред тие да ги развијат своите водоотпорни пердуви кои им се неопходни за пливање во океанот.

Според проценките на научниците, околу 10.000 млади птици се удавиле или замрзнале.

Настанот се случил кон крајот на 2022 година, на западот на континентот на локација која се граничи со Белингсхаузеновото Море

Д-р Питер Фретвел, од Британската служба за мониторирање на Антарктикот, вели дека овој помор е навестување на она што допрва не очекува.

Повеќе од 90% од колониите на кралски пингвини се проценува дека ќе изумрат до крајот на овој век поради топењето на морскиот мраз во свет кој постојано се загрева.

„Кралските пингвини зависат од морскиот мраз за нивниот циклус на размножување. Тоа е стабилна подлога која ја користат за да ги подигнат младите. Но доколку тој мраз не е доволно голем колку што треба, или доколку се крши побрзо, тогаш овие птици се во невоља“, објаснува Фретвел за Би-Би-Си.

„Има надеж. Можеме да ги намалиме нашите јаглеродни емисии кои го предупредуваат загревањето. Но, доколку не го направиме тоа, ќе ги однесеме овие прекрасни птици на работ на изумирање“, додава тој.

Д-р Фретвел и неговите колеги за ова масовно изумирање на пингвините објавиле во научното списание „Communications Earth & Environment“.

Научниците следеле пет колонии во секторот на Белингсхаузеновото Море. Со користење на сателитите Сентинел-2 на Европската Унија тие можеле да го набљудуваат однесувањето на пингвините по нивниот измет кој го оставале на белиот морски мраз. 

Возрасните пингвини се качуваат на мразот околу март, кога почнува зимата на јужната хемисфера. Тие тогаш се вгнездуваат, снесуваат јајца, а потоа ги хранат своите млади до моментот кога тие нема да можат сами да се снајдат во светот околу нив. Ова вообичаено се случува околу декември или јануари, кога новите птици се пуштаат за првпат во океанот.

Сепак, научниот тим регистрирал дека морскиот мраз под младите пингвини се распаднал во ноември, пред илјадниците птици соодветно да ги развијат крилата кои ќе им бидат неопходни за животот во вода.

Smyley Island loses its ice in satellite images

Сателитски снимки од распаднатиот мраз – Фото: Коперникус Сентинел – 2 / Би-Би-Си

Четири од колониите кои ги набљудувале целосно изумреле, додека само една имала преживеани млади пингвини.

Морскиот мраз на Антарктикот е во нагло опаѓање од 2016 година, и површината под мраз околу континентот од година во година достига нови најниски рекорди.

Двете најлоши години се имаат случено во изминативе две летни сезони – 2021/22 и 2022/23, кога Белингсхаузен беше речиси целосно оставен без покривка од мраз. 

Кралските пингвини во моментов се водат како „речиси загрозен вид“ од страна на Меѓународната унија за конверзација на природата. Научната заедница веќе има доставено предлози тие да се префрлат во поалармантната категорија „ранливи“ поради опасностите кои климатските промени ги предизвикуваат врз нивниот начин на живот.