Јули беше најтоплиот месец во светот досега, потврдија научниците

Европската служба Коперник информираше дека овој јули го соборил рекордот за најтопол месец досега на Земјата. Според резултатите, овој јули беше за 0,33 степени целзиусови потопол од јули 2019 година што претходно имаше рекордот за најтопол месец.

Паралелно со ова, температурите на океаните достигнаа ново високо ниво.

Минатиот месец исто така беше регистриран и најтоплиот ден досега, 6 јули кога температурата на глобално ниво достигна 17,08 степени целзиусови и секој ден меѓу 3 и 31 јули го собори претходниот рекорд од 16,08 степени целзиусови што го донесе август во 2016 година.

„Овие податоци имаат ужасни последици и за луѓето и за планетата која е изложена на сѐ почести интензивни и екстремни настани“, изјавила Саманта Бургес, заменик директорка на службата за климатски промени при Коперник.

Високата глобална температура – дел од стрмниот тренд предизвикан од согорувањето на фосилни горива се манифестира во силни топлотни бранови низ северната хемисфера од САД до Медитеранот и Кина.

Исто така, во многу делови од Европа имаше врнежи поголеми од просечните, вклучувајќи ги и екстремните дождови и град во медитеранскиот регион каде вообичаено преовладуваат посуви услови.

Во јужната хемисфера, Латинска Америка доживува невообичаен зимски топлотен бран, додека мразот на Антарктикот сруши нов низок рекорд во јули со 15% под просекот.