[Видео] Климатски активисти испрскаа со црна течност слика од Климт во музеј во Виена

Климатски активисти нападнаа позната слика од уметникот Густав Климт со црна течност која личи на нафта во Музејот Леополд во Виена.

Од австрискиот огранок на климатската организација „Последна Генерација“ изјавија дека ја избрале како мета сликата од 1915 година во знак на протест за користењето на енергија од фосилни горива на нивната Влада.

Во видео од инцидентот, кој организацијата го објави на социјалните мрежи, може да се види како активистите прскаат со течност врз сликата „Смрт и живот“ на еден од најпознатите австриски сликари.

„Знаеме за проблемот 50 години. Конечно мора да дејствуваме, инаку планетата ќе биде срушена. Запрете ја деструкцијата со фосилните горива. Брзаме кон климатски пекол“, може да се слушне од снимката како вели еден од активистите кои го предизвикаа инцидентот.

Од организацијата ја правдаа акцијата со образложение дека протестираат против бушењето за нафта и гас, кое го нарекуваат „смртна пресуда за општеството“.

„За намалување на ограничувањето на брзината на автопатите на 100 километри на час не се потребни пари, а со тоа би се заштедиле 460 милиони тони јаглерод диоксид годишно само во Австрија, а ваквата промена би водела и кон помала бучава, подобар квалитет на воздухот и побезбедни патишта. Што чекаме?“, велат од „Последна Генерација“.

Уметничкото дело не било оштетено, но од музејот велат дека штетата на стаклото и безбедносната рамка биле значителни.

„Загриженоста на климатските активисти е оправдана, но напаѓање на уметнички дела дефинитивно е погрешен начин да ја постигнат зацртаната цел за спречување на климатскиот колапс“, изјавил за Австриската новинска агенција директорот на музејот, Ханс Петер Виплингер.

Сликата на Климт е последното уметничко дело кое се најде на мета на климатските активисти низ Европа, со цел да го привлечат вниманието на јавноста за последиците од глобалното затоплување. Претходно на слика од Клод Моне беше фрлено пире, додека на делото „Сончогледи“ од Винсент Ван Гог активисти истурија доматен сос.