[Видео] Еко-активисти истурија супа од домати врз позната слика на Ван Гог во Националната галерија во Лондон

Еко-активисти денеска истурија супа од домати врз сликата „Сончогледи“ на Винсент ван Гог во Националната галерија во централен Лондон, јавува „Си-Би-Ес Њуз“.

Организацијата „Сопрете ја нафтата“ во соопштение изјави дека двајца демонстранти истуриле две лименки супа од домати врз сликата во 11 часот по локално време, барајќи од Владата на Велика Британија да ги прекине сите нови проекти за нафта и гас.

Во твит, организацијата посочи дека фосилните горива се виновни за сегашните економски превирања и климатската криза со која се соочува светот, прашувајќи „Дали уметноста вреди повеќе од животот? Повеќе од храната?“.

Лондонската полиција соопшти дека двајцата активисти биле уапсени поради криминална штета и тежок прекршок откако „фрлиле супстанца врз сликата“ во галеријата на лондонскиот плоштад „Трафалгар“.

Галеријата потврди дека сликата била покриена со стакло, па затоа не била оштетена, објави Би-Би-Си. Протестната група соопшти дека сликата има проценета вредност од 84.2 милиони долари.