Компанија во Лондон изнајмува новогодишни елки

На Џонатан Мернс и Кетрин Лавлес им здодеало да гледаат како во Лондон секоја година се фрлаат новогодишните елки, па решија да направат нешто за тоа и да понудат алтернатива погодна за природата, јавува „Евроњуз“.

На просечната елка за да порасне и се потребни 10 до 12 години, а седум милиони дрвја завршуваат на депонија секоја година, и тоа за славје кое трае три недели.

За да се справат со ова прашање, Џонатан и Кетрин ја основаа компанијата „London Christmas Tree Rental“, која им нуди на своите клиенти можност да изнајмуваат дрво, дури и истото секоја година.

„Постоиме само три години, па сè уште сме навистина млади. Кога завршивме со нашата пилот година, имавме, да речеме, 50 дрвја. Веднаш сфативме – во ред, на луѓето навистина им се допаѓа концептот за изнајмување на сопствено дрво“, вели Лавлес.

Клиентите може да нарачаат дрво преку интернет кое ќе го подигнат во декември од еден од центрите за изнајмување. Компанијата дури и ги охрабрува клиентите да го именуваат дрвото, за тоа да стане дел од домаќинството.

Дрвото треба да се наводнува секој ден и по можност да се чува подалеку од топлите области на домот. Откако ќе заврши периодот на изнајмување, дрвјата се собираат во јануари и се пресадуваат.