Во Лондон уапсени 107 демонстранти на протест против зголемување на полициските овластувања

Британската полиција вчера соопшти дека уапсила 107 демонстранти во Лондон на протест против планот на Владата за зголемување на полициските овластувања, пренесува „Н1“.

Пред два дена илјадници луѓе протестираа низ Велика Британија, револтирани поради владиниот предлог-закон кој е испратен до парламентот.

Според предлог-законот кој се однесува само на Англија и Велс, а не и на Шкотска и Северна Ирска, полицијата би имала поголеми овластувања за да се справува со учесници на ненасилни протести, вклучително и на оние кои се премногу бучни, додека осудените би можеле да бидат казнети парично, но и со затворска казна.

Полицијата соопшти дека протестите воглавно биле мирни и дека повеќето од учесниците ги почитувале мерките против ширењето на коронавирусот. Мал број демонстранти се обиделе да предизвикаат хаос, а уапсените се осомничени за насилно однесување, напад на полицијата и кршење на мерките воведени за спречување на ширењето на Ковид-19, наведе полицијата.

Истовремено, тие додадоа дека десет припадници на полицијата се повредени, но не сериозно.

Прашањето во однос на овластувањата на британската полиција во јавноста се отворија неодамна, по убиството на Сара Еверард за кое е осомничен полицаец, како и поради жестокиот одговор на безбедносните сили против демонстрантите кои протестираа заради тоа дело.