[Видео] Еко-активисти во Рим истурија супа врз позната слика на Ван Гог

Италијански еко-активисти со супа го испрскаа заштитното стакло зад кое во Рим е изложена сликата на холандскиот уметник Винсент Ван Гог. Сликата не е оштетена во акцијата на активистите кои протестираат поради употребата на фосилните горива и климатските промени, пренесува Н1.

Четворица активисти на италијанската група „Последната генерација“ ја испрскаа сликата „Сејачот и зајдисонцето“ од 1888 година, изложена во Рим како дел од изложбата посветена на холандскиот уметник.

Подоцна, групата на Твитер напиша дека нејзината акција е „крик што не може да се поистоветува со обичен вандализам“.

„Ненасилните директни акции ќе продолжат се додека граѓаните не добијат одговори од нивните влади на барањата да се запре гасот и јагленот и да се инвестира во обновливи извори на енергија“, соопшти организацијата.

Италијанските власти реагираа дека нападот врз уметноста е „одвратен чин што мора строго да се осуди“.

„Културата, која е основа на нашиот идентитет, мора да се брани и штити, а никако не смее да се користи за разни форми на протести“, наведоа новите италијански власти.

Акцијата доаѓа по серијата слични инциденти во последните недели во Европа, додека уметничкиот свет од Париз до Њујорк го осудува вандализмот од активистите за заштита на животната средина.