[Видео] Климатски активисти фрлија пире на ремек-дело од Клод Моне

Двајца климатски активисти фрлија пире на стаклото кое ја заштитува сликата на еден од најпознатите француски сликари, Клод Моне, што е последен ваков напад на уметнички дела со цел да се сврти вниманието кон климатските промени.

На видеото објавено на Јутјуб може да се види како активистите фрлаат пире на сликата „Стогови сено“ во германскиот музеј „Барберини“ во Потсдам, а потоа ги лепат рацете за ѕидот.

„Светот се наоѓа во климатска катастрофа, а вие се плашите за фрлен кечап или пире врз слика“, вели еден од активистите алудирајќи на сличниот инцидент кој минатата недела се случи во Лондон, во кој доматно пире беше истурено врз слика од Винсент Ван Гог.

Од „Последна Генерација“ велат дека активистите биле приведени, а за чинот на фрлање храна врз познати ремек-дела порачуваат: „Што ви значи повеќе – уметноста или животот?“.

Од Музејот „Барберини“ во соопштение до јавноста велат дека активистите се поврзани со групата „Последна Генерација“, кои се активни во борбата против климатските промени. Оттаму посочиле и дека фрлената храна не предизвикала штета на делото, кое било продадено за речиси 111 милиони долари во 2019 година. Сликата ќе биде повторно изложена во среда.

Сликата е една од 25 дела на уметникот направени околу 1890-тите години и на неа се прикажани стогови сено во близина на куќата во која живеел во Живерни во Франција.

Во последниот период мета на активистите се уметничките дела кои се светски препознатливи, во надеж дека таквите инциденти ќе привлечат поголем интерес за нивните климатски пораки.