[ФОТО] Прв подводен климатски протест – „Бараме климатска правда“

Во срцето на Индискиот Океан се одржа првиот подводен климатски протест во историјата.

Со транспаренти на кој пишува „Бараме климатска правда“ и „Младински климатски штрајк“ морскиот биолог и адвокат за климатски прашања, Шама Сандојеа, изрази револт од тоа како светот се справува со климатските промени под вода и се приклучи на големите протести на „Fridays for Future“ кои денеска ќе се одржат низ светот.

„Се одлучив за ова прекрасно, оддалечено место во Индискиот Океан за да пренесам едноставна порака – потребна ни е климатска акција, и потребна ни е веднаш“, вели Сандојеа.

Местото каде одлучи да го изрази својот протест е во близина на нејзиниот дом во Маврициус. Таа вели дека почувствувала потреба да стане активистка од млада возраст, откако видела колку е ранлив тој дел од океанот на климатските промени и откако била очевидец на изливање на нафта во водите во близина на нејзината родна земја.

„Тоа што сум по потекло од островска земја ми овозможи од прва рака да согледам колку се важни здравите океани, не само за климата, туку и за милијарди луѓе на југот на планетата кои зависат од нив“, додава таа.

Таа овој протест го организираше преку експедицијата на Гринпис. Тие со нивниот брод „Арктичко изгрејсонце“ го набљудуваат регионот Саја де Мала, малку истраженото водно пространство помеѓу Маврициус и Сејшелите. Тој дел од океанот е дом на загрозени зелени желки и риби кои зависат од морките треви. Ова растение е клучно да се зачува бидејќи апсорбира огромни нивоа на јаглерод диоксид. Тие сочинуваат само 0,2 проценти од морското дно, но претставуваат десетина од капацитетот на океанот за складирање на јаглерод.

Поради човечките активности овие подводни средини се уништуваат со загрижувачко ниво. Активистите се обидуваат да го привлечат вниманието кон целта на Обединетите Нации светот да работи на заштита на најмалку 30 проценти од земјата и океаните на Планетата Земја до 2030 година.