Глас против насилство: Нема податоци колку семејното насилство ја чини државата

Државата сѐ уште нема соодветен систем за згрижување на жени кои претрпеле семејно насилство, ниту пак реални бројки за тоа колку насилството го чини општеството. Ова е ставот на активистите од Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство, кои сметаат дека е неопходна проценка на трошоците од семејното насилство и употреба на единствена методологија за нивна пресметка.

На денешната презентација во Јавна соба, тие укажаа на потребата за проценка на трошоците од семејно насилство и ја потенцираа потребата од специјализирани сервиси за семејно насилство.

Нема единствена национална проценка во Македонија за тоа колку семејното насилство навистина ја чини државата, децидна е професорката Стојанка Мирчева. Според неа, постојат неколку одделни студии кои прават обид да дадат финансиска вредност на различните услуги и да ги пресметаат трошоците од семејно насилство врз жената која преживеала насилство, врз општеството во целина и врз нејзиното потесно опкружување.

„Ние се залагаме да се даде монетарна вредност на услугите што се даваат на жените кои претрпеле семејно насилство, на страдањето и болката и загубената продуктивност, како последица на семејното насилство“, смета Мирчева.

„Мора да имаме финансиска рамка која ќе ги дефинира потребните активности и мерки и финансиските средства кои ќе треба да бидат доделени за нив. Крајна цел на овие чекори е намалување на семејното насилство воопшто“, додава професорката.

Во Македонија сега има четири засолништа за згрижување на жени кои претпреле насилство. Активистите велат дека не се сите функционални, а потсетуваат дека порано работеле дури десет засолништа. За жените често не е лесно да се спасат од насилството, понекогаш и поради несоодветното работење на правосудниот систем и институциите, сметаат од Глас против насилство.

„Можеме да дебатираме дали има подобрување или не, но во системот за заштита и поддршка и постоечките услови за жени кои претрпеле родово базирано насилство, бројките не бележат напредок. Напротив, покажуваат дека со текот на годините гаснат и веќе постоечките сервиси“, вели Санела Шкријељ од Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство.

Таа додава и дека жените многу често немаат пристап до потребните и соодветни специјализирани услови за заштита и поддршка, кои би им помогнале да излезат од циклусот на насилство и понатаму да зајакнат и да можат да се вратат во нормалното општествено живеење. Особено се загрозени жените со попреченост, кои немаат пристап до сервисите за заштита.

С.Т.