[Галерија] Во фризерскиот салон на учениците од средното „Шаип Јусуф“ во Шуто Оризари

Во средното стручно училиште „Шаип Јусуф“ во Шуто Оризари денеска беше бучно и растрчано. Од самиот влез се слушаше чкрипењето на ножичките, дувањето на феновите, а можеше да се почувствува и мирисот од лакот за коса. Дваесет ученици во завршна година од струките за фризерство и шминкерство денеска го полагаа практичниот дел од матурата.

17-годишниот Зекир Амит имаше за задача да покаже како се прави машко потстрижување. Како модел му послужи неговиот помал брат Лучиано.

Неговата пасија за фризерство, кој ја негувал уште од осмо одделение, вели дека го натерала да се запише овде. Но, истакна дека не секогаш можел да најде место каде ќе врши пракса надвор од училиштето.

„После ова, ќе одам во Германија да работам“, вели Зекир.

Сепак, тој сака да најде работа овде, а има желба еден ден да отвори сопствен салон.

„Јас сум задоволен од фризурата што ми ја направи брат ми“, срамежливо се насмеа малиот Лучиано.

Но, за разлика од неговиот брат, тој сака да стане автомеханичар.

Од другата страна на салонот, Мерлина Зекир со фенот во рака веќе ја привршуваше фризурата на нејзината другарка. Таа ни раскажа за нејзините претходни пракси во Карпош и Аеродром.

За нејзе, ова е исплатлива професија и е нешто што отсекогаш сакала да го прави.

„Убава е струката, убаво е да се работи“, ни рече таа по завршувањето на нејзината задача.

Сепак, според неа потребно е многу повеќе да се вложува во идните кадри, со цел тие да бидат подобри и поконкурентни на пазарот на трудот.

Средното училиште „Шаип Јусуф“ е едно од поновите во Македонија – постои само три години. Овде ученици од различни струки се стекнуваат со практична настава по што се спремни за работа, појаснува директорот Доан Сулејманоски. Според него, секое вложување во учениците, ги прави поинклузивни и повешти.

„Задоволен сум од моите ученици“, ни изјави тој.

„Ние сме нови, меѓутоа секоја година ги зголемуваме критериумите и стандардите, гледаме да бидеме што подобри“, се надева Сулејманоски.

„Секоја жена сака да биде убава, така што тоа ќе биде мојата цел – да ги направам да се чувствуваат убави“, вели Рахела Асан, која полагаше практичен дел од отсекот шминкерство. Сепак, за разлика од своите соученици, таа немала пракса надвор од училиштето, иако запишала и курс.

По полагањето очекува работа, бидејќи како што вели – без пракса не може да се постигне посакуваниот изглед.

Во исчекување на резултатите од направеното, Керим Мухамед од отсекот за миење коса, ни изјави дека е задоволен од своите професорки и од односот кој го добил изминативе години. Тој смета дека образованието е важно за секој. Почнал како келнер, но се префрлив во фризерството бидејќи во тоа гледал повеќе перспектива.

Најдобрите три матуранти на крајот од своето образование ќе добијат дел од опремата што им е потребна за нивната професија од Центарот за социјални иницијативи Надеж. Тие заедно со училиштето веќе две години спроведуваат работилници со овие ученици, а истовремено го опремуваат фризерскиот салон. Целта им е, како што посочи Катерина Смилева, да ги направат овие млади подеднакво конкуретни на пазарот на трудот.

„Нашата цел е овие ученици по нивното завршување на образование, да продолжат со својата струка што ја учеле и да имаат еднакви можности како сите, да најдат работа, или сами да си отворат бизнис“, вели Смилева.

Досега, во проектот се опфатени 70 ученици.

Од почетокот на проектот, па до сега, е зголемена посетеноста на учениците, истакнува Смилева.

„Тие сега имаат поголема мотивација да доаѓаат бидејќи имата повеќе опрема со којашто може да работат“.

 

Емилија Петреска