Велотурата што денеска се возеше од објектот на ИЗИИС до Средно Водно и големиот велопикник што се одржа на паркингот на Средно Водно привлекоа голем број велосипедисти и рекреативци денот да го поминат во природа и во дружење. Оваа активност е дел од вториот ден на Европската недела на мобилност 2017, а сообраќајот на патот до Средно Водно беше затворен за моторните возила, освен за автобусите на ЈСП.
По пристигнувањето на паркингот во близина на жичницата, велосипедистите и рекреативците имаа можност да погледнат промоција на велосипедските продавници и сервиси во Скопје, промоција на неформалните велосипедски групи, да го истражат Водно со велосипед или пеш по трим патеките и да уживааат во музичка програма, со диџеј.
Градот Скопје и годинава се вклучува во Европската недела на мобилноста 2017 и за граѓаните понуди низа активности посветени на алтернативното и одржливо движење. Во деновите од 16 до 22 септември Градот Скопје ќе организира разновидна програма која е посветена и ќе биде интересна за сите граѓани, од најмладите до највозрасните, како и за јавниот и приватниот сектор. Активностите се реализираат во соработка со повеќе невладини организации, со Делегацијата на Европската унија во нашата земја и Министерството за животна средина и просторно планирање.