[Фото] Старата барака на „Матично“ по реконструкцијата ќе стане младински центар

Општина Центар, Град Скопје и Сојузот на извидници денеска го најавија почетокот на реконструкцијата на објектот на поранешната Управа за водење на матичнити книги, познат како „Матично“. Зафатите за објектот што се наоѓа во склоп на општинските бараки ќе траат 50 денови и потоа „Матично“ ќе стане младински центар.

Општина Центар ќе го отстапи објактот за реализација на програмските активности на центарот, кој покрај основната цел ќе претставува и мултимедијален центар подобен и за други содржини во интерес на младите.

Од Сојузот на извидници соопштија дека Младинскиот центар го гледаат инлузивен простор. Ова, велат тие, се реализира една година отако оваа идеја и иницијатива дошла на извидниците на граѓанскиот форум на општина Центар.

Снежана Јанковиќ, претставничка на Сојузот, на прес-конференцијата рече дека ќе биде место на вмрежување на сите младински и организации за млади на територија на Општина Центар.

„Тие ќе можат да го искористат просторот, да се вмрежат. Да ги прилагодат своите програми и да понудат на младите нешто поинакво, нешто на европско ниво, на светско ниво. Место каде ќе може да се собираат, да творат, да бидат креативни, да разменуваат добри практики, позитивни навики и нормално да стекнуваат некои основни навики за вештини за живот кои му се потребни на секој млад човек да прерасне во општествено одговорна личност како што е редот“, рече Јанковиќ.

Фото: Сојуз на извидници

Градоначалникот на Центар, Саша Богдановиќ вели дека белегот на градот Скопје и култниот објект „Матично“, после 52 години, за првпат ќе биде реконструиран во нов облик и функционален простор за промоција и афирмација на младинската мрежа.

„Креирањето на еден ваков одржлив и инклузивен центар за младите, ќе претставува сервисен центар, нов мултифункционален простор за реализација на разни едукативни активности за младинските и извидничките организации, како и неформалните групи на млади лица. Младите директно ќе бидат вклучени во креирање на политиките на локално ниво, ќе имаат соработка со основните училишта и ќе работат на социјалното вмрежување и поттикнување на неформалното образование“, рече Богдановиќ.

Фото: Град Скопје

Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов нагласи дека дека проектот на Општина Центар е она што го разговарале со младите – потенцијалите што ги имаат општините на своите територии да ги стават во служба на младиските организации.

„Очекувам дека младинските организации од општината Центар ќе го препознаат ова катче како свое. Ги охрабрувам и другите градоначалници на територијата на Скопје да го следат овој пример и во рамките на своите можности да обезбедат по еден ваков капацитет за да се подобри младинското организирање“, рече Шилегов.

Фото: Град Скопје

Инаку, како што беше најавено на прес-конференцијата, градежните и градежно – занаетчиските работи ќе се изведуваат на површина од 470 метри квадратни. Ќе имаат за цел да обезбедат зголемување на енергетската ефикасност на објектот и обезбедување соодветни услови за лицата со посебни потреби.

Вкупното чинење на реконструкцијата ќе изнесува 6.941.282 денари со влучен ДДВ. Општина Центар ќе обезбеди 83 проценти, односно 5.768.074 денари од својот Буџетот за 2020 година, а останатите  1.173.208,00 денари ќе бидат обезбедени од Програмата за развој на обединетите нации – UNDP во форма на донација.

Фото: Град Скопје

Се работи за активности во рамки на проектот „Зајакнување на општинските совети“. Одобрен е финансиски грант во износ од 50.000 швајцарски франци за реализација на три проекти кои се избрани од граѓаните на одржаните форумски сесии мината 2019 година. Младинскиот центар е еден од предлог проектите кои влегоа во финалната селекција, заедно со „Отворени сцени“ и „Зајакнување на капацитетите на градинките за социјална инклузија – сензорни соби“, проекти кои се во фаза на подготовка.

Фото: Град Скопје