[Фото] Нов протест пред Владата, граѓаните бараат одговорност за скандалот на Клиниката за онкологија

Педесетина граѓани и вечерва протестираа пред Владата поради скандалот на Клиниката за онкологија. Ова е шести понеделник по ред како се одржуваат демонстрации на кои револтираните граѓани бараат одговорност за обвинувањата во јавноста дека скапа терапија за онколошките пациенти се препродавала на црниот пазар.

И денеска граѓаните не скандираа, немаше транспаренти ниту марш до зградата на Основното јавно обвинителство. Организаторите порачаа дека денеска, а ниту во следниот период нема да има официјални обраќања, туку дека ќе остават граѓаните да ги кажуваат своите трагични сведоштва од македонскиот здравствен систем.

Дел од оние кои протестираа коментираа дека масовноста на протестите се намалува бидејќи граѓаните не веруваат во институциите, додека други повикаа повеќе луѓе да им се придружат во барањето одговорност за прашањата кои ги мачат сите македонски граѓани.

„Имам само една работа да кажам на оние граѓани кои „не ги интересира политика“. Само да ги потсетам дека здравството, што сите треба да го имаме, воздухот што го дишеме, стандардот што се` повеќе ни се снижува, се` е тоа до политичката волја на елитите кои не застапуваат“, рече револтирано еден од учесниците на денешниот протест.

Фото: Радио МОФ

Иако неделава започна со работа Анкетната комисија во Собранието, со задача да утврдат дали за скандалот има и политичка одговорност, дел од граѓаните се скептични дека пратениците ќе дојдат до некакви конкретни резултати.

„Од тоа нема ништо да биде. Не верувам во тие приказни. Еве, јас на десното око не гледам. Ме оперираа за обично перде. Ме ослепеа. Се формираше комисија, докторот дојде и призна на суд дека ја згрешил работата, а комисијата вели дека нема грешка, за да не одговара кривично“, рече Славољуб Манев кој беше дел од протестот.

Фото: Радио МОФ

Инаку, првиот протест пред Владата се случи на 4 септември, неколку дена откако Министерството за внатрешни работи изврши претрес на Клиниката за онкологија по насоки на Јавното обвинителство кое отвори предистражна постапка. Акцијата следеше по серијата написи на неделникот „Фокус“ и „Слободен печат“ кои објавија дека онколошката терапија наменета за пациенти се препродавала на црниот пазар.

Обвинителството на тројца онколошки пациенти им обезбеди увид во истрагата, а соопшти и дека ќе побара податоци од надлежните органи во Косово и Албанија за пациенти од тие земји кои се лекувале со одредени терапии во Македонија.

Неделава започна со работа Анкетна комисија составена од 13 пратеници и исто толку заменици кои ќе утврдуваат дали во скандалот на Клиниката има политичка одговорност на функционерите во Владата, кој е одговорен за случувањата и дали на пациентите им биле загрозени човековите права. Претседателка на Комисијата е пратеничката Рашела Мизрахи.

Ангела Бошкоска / Даниел Евросимоски