[Фото] Граѓани повторно протестираа по скандалот со Клиниката за онкологија

Нов протест се одржа денес пред Влада по скандалот со Клиниката за онкологија. Ова е петти понеделник по ред како граѓани бараат одговорност за наводите во јавноста дека скапа терапија од Клиниката се препродавала на црниот пазар.

Се обрати актерот и активист од Скопје, Даријан Петров кој кажа дека од минатиот протест па натаму организирањето го презема новоформираната платформа на граѓани „Одговорност“.

„Тоа сме неколку граѓани кои имаме лична приказна поврзана со сознанијата од Онкологија. Јас лично изгубив родител кој се лекуваше од карцином во 2019 година на Клиниката. Бидејќи немаме доверба во правосудниот систем, институциите, решивме да делуваме и ја формиравме оваа платформа без никаква политичка позадина и финансиска поддршка, туку во спомен на нашите прерано загубени блиски, за поддршка на сите онколошки пациенти и нивните семејства, но и сите останати граѓани кои се борат со овој систем“, рече Петров.

Потоа прочита анонимно сведоштво на жена која го изгубила својот брат што се лекувал на Одделот за малигни тумори на генитален и уринарен тракт кај мажи при Клиниката за онкологија.

„По неколку недоследности во лекувањето, онкологот ни препиша хормонска терапија која за некои пациенти се добиваше преку клиниката како и по кои критериуми, не е познато. Една месечна терапија нѐ чинеше 3.500 евра. За брат ми никогаш не стана збор да добие терапија од Клиниката иако тој беше млад човек за таа дијагноза. Ја набавувавме сами преку аптека во Македонија и од таму нѐ прашуваа зошто не сме на список на пациенти кои ја добиваат истата терапија на Клиниката. Ни рекоа дека треба само онкологот да го стави на списокот. Го прашавме лекарот и без објаснување ни рече категорично дека не може да биде ставен на списокот. На следната контрола тумор-маркерите беа покачени, ја сменија терапијата и ако верувате закажаа контрола за 3 месеци. Пак ја набавувавме сами, 1500 евра за месец. Иако терапијата не делуваше, лекарот уверуваше дека состојбата не е алармантна. Во ноември ни рече дека би требало да дојдеме крај на јануари, па ќе видиме. По две недели брат ми се јави на Клиниката и замоли да земе терапија за намалување на болка и евентуално хемотерапија од самата клиника. Конечно, на крај на декември докторот се согласи да се стави на хемотерапија, а веќе поминаа шест месеци од дијагностицирањето. Испративме и документи во странство за второ мислење и буквално се шокираа на кој начин брат ми бил лекуван“, гласи сведоштвото.

Авторката на писмото наведува дека има преостаната терапија која би сакала да ја донира. Граѓаните, рече Петров, може да ги контактираат на платформата „Одговорност“ на Инстаграм.

Активистот изјави дека приказни ќе се споделуваат на секој следен протест.

По него се обрати Ива Петровска која повика на здруженост на граѓаните да не дозволат жртвите да станат бесмислени.

„Сѐ додека стоиме тука нема да успеат. Од сега па натаму нема да се потсетуваме дека нема правда нема мир, туку ние ќе им кажеме дека ќе има правда и дека ќе има мир! Дека ова е наша земја и дека народот ќе биде тој којшто одлучува. Пркосете им на поделбите и увидете дека борбата што ја водат е во нашиот ум, така што секогаш повикувајте на слога и обединување. Секогаш“, порача Петровска.

Овој пат граѓаните не скандираа, не се одржаа перформанси, а немаше ни марш до зградата на Основното јавно обвинителство (ОЈО).

За следниот понеделник најавија нов протест пред Влада, во 18 часот.

Инаку, првиот протест пред Владата се случи на 4 септември, неколку дена откако Министерството за внатрешни работи изврши претрес на Клиниката за онкологија по насоки на ОЈО кое отвори предистражна постапка.

Обвинителството на тројца онколошки пациенти им обезбеди увид во истрагата, а соопшти и дека ќе побара податоци од надлежните органи во Косово и Албанија за пациенти од тие земји кои се лекувале со одредени терапии во Македонија.

Собранието минатата недела формираше Анкетна комисија составена од 13 пратеници и исто толку нивни заменици кои ќе утврдуваат дали во скандалот на Клиниката има политичка одговорност на функционерите во Владата, кој е одговорен за случувањата и дали на пациентите им биле загрозени човековите права. Претседател е пратеничката Рашела Мизрахи.

Мартин Колоски / Ангела Бошкоска