[Фото] Битот на модерната, различна и колоритна музика го исполни МКЦ на „Здраво млади“

Заврши уште едно издание на фестивалот „Здраво млади“, Фестивалот кој пркоси со својата упорност да биде уникатен мал „голем” фестивал за вистински музички сладокусци, успеа да собере повеќе од илјада посетители во МКЦ – Скопје.

На 5 бини во преполниот МКЦ настапија повеќе од 20 артисти од 11 земји од светот.

„И ова издание на Здраво млади покажа дека скопската публика осцилира во ист бит, битот на модерната, различна и колоритна музика која моментално ги проширува зениците“, изјавија од МКЦ.

Вечерта започна со настапот на спектакуларниот нов електронски артист YMNK кој буквално ја збуни публиката со својот ритмичко математички интензивен настап. Потем следеше настапот на легендарниот Иан Свенониус, чиј настап бележи повеќе импровизација и комуникација со жедната публика. Клубот МКЦ беше претесен да ја собере присутната публика за ѕвездите на вечерта, Маускович денс бенд кои ја вжештија атмосферата до плафон.

Денсинг салата беше резервирана за пожестоките настапи. Вечерта ја отвори Џутко и Плодови земље, чии хитови во заразни фолк ритми веднаш ги плени срцата на публиката која допрва се загреваше. Следеа домашните херои Мај Тиар и Хрватот со далматинско потекло, Војко В. За крај, бината ја докрајчи локалната супергрупа Допе Куќата со специјално изненадување за публиката и концерт до 2 часот по полноќ.

Во киното Фросина се проследија настапите на етно џез колективот Калата, младата поп ѕвезда Жива, новата рап ѕвезда Јоланде Башинг и впечатливата музичарка на укулеле Рита Брага.

Најголемото збиднување на фестивалот сепак беше резервирано за платото пред МКЦ, на кое повеќе од 7 часа со брутален сет настапија диџеј Фиц, Ертунч Сали и Ајнур Касо.

Организаторите најавуваат уште пожестоко издание за следната 2024 година, чиј датум наскоро ќе биде објавен.

Во продолжение погледнете го и видео колажот што го направи Радио МОФ:

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Engage Kicks & Gigs (@radiomofmusic)

Фотографии и осврт: МКЦ – Скопје