Рецензија на „Здраво млади 12“

Еднодневниот фестивал на нова музика по 12-ти пат со големо „Здраво“ ги поздрави младите што вчера се насобраа дома, во нивниот, Младинскиот културен центар во Скопје. И не само младите. Бидејќи тука се и редовните музички истражувачи, оние што веќе им е преку глава од тезги или бегаат од разните пивско-вински фестивали што во голем дел немаат храброст да внесат свежина во програмата, без да се даде простор на нови и возбудливи музики. Овој, е друг фестивал на тимот на МКЦ, спротивен на таквите концепти.

По двете пандемиски изданија, „Здраво млади 12“ отскокна од оној изолациски, дистописки филм на протоколи, сертификати и мерење температури. Повторно влетавме сите, без рестрикции, без двоење на вакцинирани и невакцинирани. Сите заедно во паркот на МКЦ, со можност да се ѕенѕа и игра и во клупска атмосфера во долниот хол на МКЦ.

Во паркот, програмата повторно беше поделена на две бини, што е добар потег на организаторот, бидејќи нема пауза меѓу свирки. Не се шуткаме додека стартува нов изведувач. Одма на спротивната бина почнува друг, одма музика. Иако беа официјално именувани како „мала“ и „голема“ бина, практично и двете функционираа како главни бини. Па, цело време се придвижувавме од еден кон друг крај на паркот. Одново и одново.

Таму годинава не ги слушавме откажаните „Sitzpinker“, ниту „Holy Fuck“. Овие вторите, Канаѓаните, откажаа во „пет до дванаесет“ поради здравствени причини, а нивното отсуство поголемиот број го дознавме ден пред фестивалот, кога беше објавена саатницата со настапи. Разочарување можеби надвиснуваше за некои фанови, ама… шоуто мора да продолжи. Со нив, или без нив. Исто како лани и прелани со „Viagra boys“.

Но, ајде да се вратиме на оние што всушност свиреа… Почетокот тргна во 19 часот. Сите гладни за музика. Први беа „Rush to relax“, составот на Дамјан Маневски. Овој момак го знаеме по својот DIY пристап и под силното влијание на рокенрол-наследството во секој облик. „Rush to relax“ е производ на релацијата Скопје – Битола – Љубљана. Исто и на релацијата „Канал 103“ – „Радио Штудент“.

Оттука, Дамјан, Јан, Ерик и Васја си го цепаат тој инди-рокерски и пост-панкерски филм со голема сигурност, ослободени од трендовски докажувања. Дополнително, „Rush to relax“ има и нов материјал – вториот албум „Мисли“, што дојде три години по првенчето, па надоаѓачката публика си слушаше тазе траки. Одличен старт за „Здраво млади“, штета што беа први, па некои ќе мораат да чекаат следна шанса да ги чујат во живо.

Интересна одлука да се заменат басистот и гитаристот за последната песна и да звучат еднакво добро – „Rush to relax“

Некаде по 19:30 часот на соседната сцена стартуваа домашните „Палиндром“. Дечките главно се ориентирани на инструментални енигматични приказни со две гитари и тапани, но имаше и вокални упади што даваат дополнителна димензија на звучната слика. Особено возбудлив рокенрол момент дојде откако на сцена се качи Дени, братот на Ерик Омерагиќ, кој вокално се „испразни“. „Палиндром“ е можеби несекојдневен, но сериозен постпанк-нојз стонеррок-состав. Бенд што можеби нема да го чуете редовно на фестивалските репертоари, ама се тричлена банда (Ерик, Филип и Кристијан) со веќе солидна музичка километража и со свој храбар и возбудлив пристап.

„Палиндром“

По „Палиндром“ се придвиживме од „големата“ да одиме на друг бенд на „малата“ бина и таму… шок! Нова димензија, басист што слегува до публика да се напие голтка, вокал во смокинг и девојка на тапани – „Šajzerbiterlemon“ од Србија на местото на најавените „Sitzpinker“. Претходно на свирка во тоалет во МКЦ, сега на бина – па си го заслужија местото.

Šajzerbiterlemon

Со елементи на постпанк, рок и инди, а прават музика што се категоризира во гранџ-панк, „Šajzerbiterlemon“ свиреа песни од последниот албум, а со секоја нова, публиката се повеќе сакаше да запее или извика нешто што претходно го нема слушнато. За време од триесет минути сценски настап успеаја да се поврзат со присутните бидејќи свиреа од душа, а доказ за тоа – последната песна што всушност и не ја отсвиреа бидејќи гитарата на вокалот престана да му работи. Публиката не се лутеше. Таму беше – со нив во таа музичка авантура. Можеби во Србија има и други слични рокенрол состави, МКЦ можеше да бира разни алтернативи на „Sitzpinker“, ама овие дечки испорачаа на сцена. И пред неа, бидејќи се создадоа „шутки“ на млади луѓе дојдени на рокенрол блесавање.

„Доаѓам на ‘Здраво млади’ бидејќи секогаш има некој нов бенд што ќе ми се допадне. Минатиот пат беше супер, си купив плоча од еден и редовно си слушам“, ни рече еден посетител на фестивалот.

Ова е изјава на млад човек што и оваа година можеше да си чуе нова музика – или музичар што претходно не го слушнал. „Deerhoof“ беше звук што претходно не сме го слушнале. Бар авторите на текстов и дел од вчерашната гужва пред големата бина што го поздрави нивниот настап. Енергијата на тапанарот ѝ дишеше во инспирацијата на Јапонката што беше вокал и гитарист со харизма и вештини на префинет танчер. Негде пред крај дури и пеевме нешто што во сеќавање ни остана како „Пам“ и потоа броиме до четири па „Пам пани сад“ неколку пати така едноподруго и ние станавме интерпретатори на звук што не ни бил познат, иако „Deerhoof“ се бенд што постои од 1994 година. Ете, ги слушнавме и доживеавме токму тука, на „Здраво млади“.

Deerhoof

Музичарите си отидоа од сцена, а публиката можеше да здивне. Барем малку. Барем неколку моменти додека не се пресели на спротивната страна на паркот. Можеше да тркне и до зоната за чилање на лежечки перници. Оваа е резервирана локација што традиционално е поставена лево од влезот. Место за дружба, одмор, дискусија, или за следење музики од далеку. Кој како сака!

Аудиториумот можеше да тркне и до интерстеларната изложба на Гоце Илиевски. Се работи за илустратор чиј фокус е изработка на анимации, а во своето долгогодишно професионално искуство вбројува над 200 проекти за Netflix, BreakThru Productions, Ample Earth, како и награди за музички видеа со анимација. Работел и како аниматор на филмот „Loving Vincent“, за животот во последните денови на уметникот. Гоце Илиевски е авторот на годинешниот дизајн на „Здраво млади“, оној со друидот кој веруваме ќе остане запамтен, бидејќи е еден од повпечатливите од постоењето на евентот. Дизајнот некој веќе си го носи на маица. И тоа, не поради ПР момент на фестот, туку зашто останува да се памти во глава.

Новитет е што имаше и штанд со храна. Или не се сеќаваме дека имало и друг пат ваква можност? Можеби ова дава гурмански вајб на „Здраво млади“, ама, од друга страна, се работи за фестивал што трае 8-9 часови, луѓето не мораа да излегуваат до Чаршија или ГТЦ да трагаат по нешто отворено за јадење. Лапачка тука во паркот, седнати на трева или во „чил зоната“, па враќање пред бина.

Кога сме кај бините, следни на музичкото мени беа скопските „Хајка“. Ова е домашен панк состав. Ова е од новата генерација музички рокенрол откровенија што даваат тотална свежина на алтернативната сцена. Дечки што свират, но и се дружат меѓусебно со други бендови од новиот рокенрол бран. Си одат по свирки. Седат заедно пред МКЦ, гаражи или во парк. Такво заедништво, е нешто што одамна веројатно и недостасува на сцената. Музика и другарство, како што ќе каже еден пријател од „Стотројка“.

А, самите „Хајка“ се енергични, свои, гласни. Младата публика веќе им ги знае напамет некои од песните. Се шутка пред бина. Годинава има можност да го слушне и нивниот втор албум „Мека машина“, па набрзо веројатно пак ќе се шутка пред бина. А, после и самите „Хајка“ ќе се шуткаат пред бина од бендовите што ќе произлезат од шуткачите пред бина.

„Хајка“

Кога излеговме од шутките  во кои „нѐ втурна“ „Хајка“, на истата бина настапи „Tamada“. Дуо од вокал – експериментален инструменталист и гитарист чија музика инспирирана од грузиските корени на вокалот внесе леснина и го разлабави сеприсутниот звук на тапани. Музиката што ја прават е вид танцување на две тела блиску едно до друго, па имаше многу млади кои запловија по жиците на нивното музицирање.

Tamada

Уште шушти во глава она „Кога би го прашал Караманов Ацо прашање ил’ две…“ зошто сите присутни на крајот од настапот ја пееја во еден глас – како химна. Публиката пее, а вокалот „не го знае“ текстот – магијата на „21 Век“. Васко Атанасоски пееше со црн женски чевел во рака зошто некој му ги подари своите, а во меѓувреме на бина се качија уште двајца да го делат микрофонот со него. Една од нив беше и младата Дина Јашари.

„21 век“ со последниот љубовен албум си доби и поширока публика, разновидна, а Васко сака да комуницира со неа. Прави перформанс на сцена. Пее, зборува, кажува што ќе му текне на памет. Искрено, „на прва“, без задршки. Стариот лисец даде поштовање и на друг стар лисец – фотографот и хорничар на алтернативната култура, Зденко Петровски. Не знаеме дали на Зденко му годеше ваква внимателност од Васко, ама го испоштува и се качи на бина. Публиката аплауз. И до него, и до „21 век“.

21 Век

Не се жалиме што имаше бендови и тапани… не воопшто. Но, после неколку часови слушање бендовски концепт, одреден ритам музика и енергетика во живо, доаѓаат малку поинакви артисти на главните бини. Па, оние што не свиреа инструменти донесоа нагла промена, луѓе почнаа да си легнуваат долу на тревата, некои да одморат, некои не знаеја што да прават со себе. Спласнаа. Како да ја снема магијата. Се расштркаа наоколу. Особено проектите пред DJ Fitz, кој како резидент на крајот врти шарена и игрива музика, што е негов белег.

Porto Morto

Меѓу другите, пред DJ Fitz се случи „Tootard“. Музиката можеби одговараше за некој лаунџ-бар, за анимирање на луѓе додека си го пијат летното безалкохолно пиво, ама тука беше непотребна. Некако, надвор од концептот на „Здраво млади“. Музика што испразни добар дел од паркот и донесе измешани чувства. Распрскана енегија низ надворешниот и внатрешниот простор на МКЦ.

Внатрешната програма на дечките од „АМОК радио“ нема да ја коментираме, не поради содржината и музиката од артистите, бидејќи во поголемиот дел не бевме таму. Да нема забуни! Единствено еден од авторите на текстов ги слушаше „Штадт“. Сериозно добар, мрачен и андерграунд проект!

„’Штадт’ ја воведува публиката во состојба на хипноза, прикажувајќи апстрактни слики на неговата омраза кон себе, на тајните агли на неговата личност и обид да избега од неговата опресивна жед“, вака самиот „Штадт“ го објаснува својот музички полет. Не е далеку од вистината. „Штадт“ можеби ќе биде сместен некаде во зоната на ЕМБ/дарквејв звукот, но ова е проект што носи музички перформанс со тензија, напнатост и артикулација на бес. И, воедно – танцувачка енергија, од интроверност, до експлозија!

На крајот, оние што останаа до крајот имаа можност да се видат со пријателите. Стари или нови, тука, повторно околу МКЦ. Местото што 50 години соединува. И дава можност да бидеме млади, без разлика на возраста. Сега, чекаме „Здраво млади 13“.

Известувачи и рецензенти: Ангела Бошкоска и Бојан Шашевски
Фото: Радио МОФ