Формирана нова асоцијација и платформа за едукација и превенција од рак – „Сè за рак“

„Сè за рак“ е нова асоцијација и платформа за едукација и превенција од рак и поддршка на пациенти болни од рак која од вчера и официјално е запишана во Централниот регистар на Македонија.

Асоцијацијата доаѓа како резултат на иницијативата за формирање на здружение чија основна задача и цел е да пружи точни и вистински информации за пациентите болни од рак и нивната поддршка во достапноста на терапии и третмани за лекување на ракот.

„Иницијативата и асоцијацијата имаат за цел да одговорат на предизвиците и потребите со кои се соочуваат пациентите со рак и да ја промовира свеста и стратегиите за едукација и превенција од рак. Асоцијацијата и платформата ‘Сè за рак’ ќе ја води Здравко Јосифовски, поранешен претседател на НУК – Независната угостителска комора, кој веќе 6 месеци се бори со рак на грло поточно рак на јазик, кој воедно сочуствува и носи лично разбирање за предизвиците со кои се соочуваат сите пациенти болни од рак“, велат оттаму.

Примарните цели и активности на Асоцијацијата и платформата „Сè за рак“ вклучуваат:

  • промоција и едукација за нега, помош и поддршка на пациенти болни од рак;

  • информирање и промовирање за едукација и превенција од рак;

  • создавање единствена онлајн платформа за објава и дистрибуција на сите информации на едно место поврзани со едукација и превенција на рак, како и информации за терапии и поддршка на пациенти болни од рак;

„Светскиот ден за борба против ракот, организиран од UICC глобално се одбележува секој 4  февруари и оваа година ја одбележува својата трета и последна година од кампањата ‘Затворете го јазот на нега'(eng. Close the care gap). Оваа иницијатива обединува милиони луѓе годишно со цел да ја зголеми свеста и знаењето за ризиците од ракот, како и активности за подобра превенција, откривање и негово лекување. Во пресрет на претстојниот Светски ден за борба против ракот на 4 февруари 2024 година од 11:00 часот, ги покануваме поединците заинтересирани за превенција и едукација од рак, како и оние кои моментално се борат со ракот, да ни се приклучат во одбележување на истиот во угостителскиот објект Д ХАУС Скопје, Стив Наумов 102Д (The House Skopje)“, велат од Асоцијацијата.