Што пропушти на Радио МОФ?

На крајот на оваа седмица, Радио МОФ ви го претставува нашиот избор на топ вестите за изминатата недела, од областа на образованието, културата, граѓанското општество, политиката, животната средина…

Што ги одбележа изминатите седум дена, прочитајте во продолжение:

И покрај ветувањата Пендаровски нема советничка за родова еднаквост и фонд за стипендирање студенти и истражувачи

Иако поминаа повеќе од три и пол години од мандатот на претседателот Стево Пендаровски, повеќе изборни ветувања кои беа негови клучни заложби во програмата не се исполнија или, пак, се само делумно реализирани.

Во неговите главни приоритети наречени „8 клучни проекти за првите 8 месеци од мандатот“ претседателот најави посебна советничка за родова еднаквост, годишна конференција за научен и технолошки напредок и фонд за стипендирање студенти и истражувачи. Но, денес, кога е поминато повеќе од половина од неговиот петгодишен мандат, советничката функција е испразнета, а другите два најавени проекти не се исполнети.

[Галерија] Вевчанци продефилираа со овогодишните маски на традиционалниот карневал

Украински и руски војници, Тито, Југословени, пирати, џокер, анонимуси, традиционалните маски Глупaвиот Август, Зетот и Невестата и Ѓаволите, беа само дел од маските на овогодишниот традиционален Вевчански карневал. Од почетокот на селото, па до центарот, стотици маскирани Вевчанци продефилираа низ селото.

Карневалот стартуваше со музичка програма на бројни изведувачи, a официјалниот дел започна со пладневното дефиле на маски, на кое учесниците ги презентираа своите изработени маски мотивирани од различни секојдневни и несекојдневни животни ситуации.


Студентите најчесто се жалат на анксиозност, осаменост и депресија, но не знаат дека има бесплатен студентски психолог

Анксиозност, осаменост, депресија… Ова се дел од психичките состојби на кои најчесто се жалат студентите кои одговорија на Инстаграм анкетата на Радио МОФ, поврзана со состојбата на нивното ментално здравје.

Во анкетата на која одговорија 474 наши читатели, како најчести проблеми со кои се соочуваат студентите ги набројуваат: стрес, депресија, нервоза, осаменост, проблеми со спиење поради анксиозност, преоптовареност, панични напади, социјална анксиозност, притисок да се исполнат своите и очекувањата на другите, испити и финансии.

Oд Универзитетското студентско собрание при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УСС УКИМ) при стартот на тековната академска година најавија дека се продолжува соработката меѓу Ректоратот на УКИМ и ЗУ Поликлиника на УКИМ, што значи бесплатна психолошка поддршка за секој студент.


[Галерија] „Шепаста револуција“ пред Влада, граѓаните на протест за убиените кучиња

„Правда за убијците“ – порачаа десетици активисти и граѓани кои со своите миленици денес излегоа на протест пред Владата. Тие протестираа за да го изразат својот револт за кучињата кои пред неколку дена беа убиени во Струга.

Со транспаренти и свирежи тие го покажаа своето незадоволство кон институциите од кои, како што велат, со години наназад добиваат само ветувања дека проблемот со кучињата по улиците ќе биде решен.


Јасмина Трошанска: Компаниите да создаваат работна средина каде лицата од спектарот на аутизмот ќе ги достигнат потенцијалите

Здружението „Сина светулка“ во периодот кој следува, до 1 април 2024 година, заедно со меѓународните партнери ќе работи на истражување, методологија, курикулум и едукативна платформа за претприемачите, кои ќе имаат цел да вработат лица со нарушувања од спектарот на аутизам. 

Радио МОФ разговараше со специјалниот едукатор и професор Јасмина Трошанска, која вели дека нивното Здружение гледа потреба компаниите да создаваат услови за поефективна инклузија на пазарот на трудот.

Кај нас, вели таа, немаме евиденција на вработени лица со аутизам воопшто. Дополнително, високофункционалните лица од спектарот на аутизмот се недијагностицирани. Тие често и се непрепознаени од работодавачите и колегите, кои не ја поимаат нивната состојба, пример Аспергеров синдром, туку дека имаат „чуден“ колега на работа, со „специфични однесувања“ и сл.