И покрај ветувањата Пендаровски нема советничка за родова еднаквост и фонд за стипендирање студенти и истражувачи

Иако поминаа повеќе од три и пол години од мандатот на претседателот Стево Пендаровски, повеќе изборни ветувања кои беа негови клучни заложби во програмата не се исполнија или, пак, се само делумно реализирани.

Во неговите главни приоритети наречени „8 клучни проекти за првите 8 месеци од мандатот“ претседателот најави посебна советничка за родова еднаквост, годишна конференција за научен и технолошки напредок и фонд за стипендирање студенти и истражувачи. Но, денес, кога е поминато повеќе од половина од неговиот петгодишен мандат, советничката функција е испразнета, а другите два најавени проекти не се исполнети.

Во делот „Жени во политиката“, Пендаровски како свој приоритет има поставено дека „ќе назначи посебна советничка за родова еднаквост и промоција на учеството на жените во политиката“ и дека заедно со неа „Кабинетот ќе подготви стратегија за поттикнување на учеството на жените во политиката и за поддршка на  заложбите за задолжително учество од најмалку 50 % жени на изборните листи на парламентарните и локалните избори“.

Од Кабинетот на претседателот на прашањето на Радио МОФ за оваа функција одговорија дека Пендаровски ја назначил Марија Башевска за советничка за родова еднаквост уште на почетокот на мандатот, но дека бидејќи таа заминала на образовна надградба надвор од земјата, оваа позиција во моментов е испразнета.

„На оваа позиција ќе биде ангажирана нова советничка. Во меѓувреме, прашањето за родова еднаквост е во мандатот на две советнички кои се дел од Кабинетот на претседателот, со цел да се задржи континуитет во работењето на областа на родова еднаквост, соработката со државните и меѓународните институции, како и граѓанскиот и бизнис секторот“, ни одговорија од Кабинетот на претседателот.

Во делот „Фонд за стипендирање студенти и истражувачи“, Пендаровски ветуваше дека ќе се формира посебен фонд кој ќе им овозможи образование на младите талентирани студенти и истражувачи. Фондот требаше да им овозможи на македонските студенти да стекнуваат знаење во државава и на реномирани странски универзитети, како и да поддржува иновативни истражувачки проекти на млади истражувачи кои работат на универзитетите и научните установи во С. Македонија.

Но, иако овој проект требаше да се реализира уште во 2020 година, од Кабинетот на претседателот велат дека тој не е реализиран поради недостиг на правна рамка и финансиски ресурси со кои ќе може да функционира.

Од Кабинетот на претседателот велат дека наместо тоа зајакнати се можностите за стипендирање на млади преку соработката на постојните стипендии „Борис Трајковски“ кои се во соработка со Министерството за образование и наука и Универзитетот Шефилд од Солун. Дополнително го истакнуваат и проектот „Успешни млади“, каде секоја година се доделуваат признанија и финансиска награда на млади со значајни достигнувања во повеќе различни области.

Претседателот Пендаровски досега го нема реализирано ниту клучниот приоритет „Годишна конференција за научен и технолошки напредок“. Од неговиот Кабинет нè информираа дека оваа конференција е планирано да се одржи годинава, во последната недела од април.

„Причините за доцнењето со реализација на овој проект се пред сè поради пандемијата на Ковид-19 со која се оневозможи организација на поголеми меѓународни настани, како и амбицијата да биде репрезентативна конференција којашто ќе вклучува странски партнери од САД, Шведска и други европски земји, како и сите клучни домашни чинители со реномирани излагачи и експерти“, велат од Кабинетот.

Уште еден од приоритетите за кои може да се каже дека се само делумно исполнети е и заложбата „Волонтираме за солидарно општество“. Пендаровски во ветувањето има наведено дека неговиот Кабинет „ќе организира волонтерски настани секоја година, на кои граѓаните ќе имаат можност да волонтираат за општокорисна цел“. Според најавите, овие настани требаше да бидат дефинирани на годишно ниво, во соработка со државните институции, општините и граѓанските организации, со цел да се промовира волонтерството како концепт за служење на заедницата и помагање на ранливите групи граѓани.

Сепак, за овие речиси четири години од мандатот на Пендаровски, јавноста немаше можност да сведочи на некој помасовен или поорганизиран волонтерски настан организиран од страна на претседателот на државата. Од Кабинетот велат дека претходниве години имаат реализирано неколку волонтерски акции за засадување дрвја и дарување на крв, а за време на пандемијата на Ковид-19 реализирале четири акции под слоганот „Волонтираме за солидарно општество“ во кои биле донирани над 2.500 пакети со прехрамбени и хигиенски производи со поддршка на општествено одговорни компании, граѓанскиот сектор и Црвениот крст. Дополнително од Кабинетот додаваат дека претседателот и неговата сопруга редовно се вклучуваат во акциите на #РетвитниОброк и веќе три години ја поддржуваат иницијативата.

Претседателот Пендаровски во предновогодишното обраќање пред пратениците покрај за војната во Украина, евроинтеграциите на С. Македонија, проблемите со демократијата, корупцијата и владеењето на правото зборуваше и за резултатите од Пописот 2021, кои, според него, покажале дека демографијата е една од клучните опасности за македонската национална безбедност.

Тој подвлече дека „поради немаштијата и невладеење на правото „белата чума” продолжува да ја десеткува нацијата“.

„Изминативе три и пол години најголемиот дел од времето го поминав во разговори со младите зборувајќи за нивните потреби и проблеми – младинскиот стандард, образованието. Бев покровител на десетина иницијативи и проекти со домашни и странски граѓански организации за поголемо младинско учество при носењето на одлуки, за операционализирање на Законот за млади, новиот предлог-закон за средно образование. И следната година истата агенда ќе остане на врвот на моите приоритети. Меѓутоа, системот треба да функционира затоа што индивидуалните иницијативи, било чии, не се доволни. Нужно е час поскоро да постигнеме широк државен консензус и стратегија по ова прашање кое ќе ја дефинира нашата иднина многу повеќе отколку промената на Уставот“, рече тој во својот говор во Собранието на крајот на минатата година.

До крајот на мандатот на Пендаровски останува уште нешто повеќе од една година, односно следните претседателски избори треба да се одржат на пролет во 2024 година.

Даниел Евросимоски