Студентите најчесто се жалат на анксиозност, осаменост и депресија, но не знаат дека има бесплатен студентски психолог

Анксиозност, осаменост, депресија… Ова се дел од психичките состојби на кои најчесто се жалат студентите кои одговорија на Инстаграм анкетата на Радио МОФ, поврзана со состојбата на нивното ментално здравје.

Во анкетата на која одговорија 474 наши читатели, како најчести проблеми со кои се соочуваат студентите ги набројуваат: стрес, депресија, нервоза, осаменост, проблеми со спиење поради анксиозност, преоптовареност, панични напади, социјална анксиозност, притисок да се исполнат своите и очекувањата на другите, испити и финансии.

Oд Универзитетското студентско собрание при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УСС УКИМ) при стартот на тековната академска година најавија дека се продолжува соработката меѓу Ректоратот на УКИМ и ЗУ Поликлиника на УКИМ, што значи бесплатна психолошка поддршка за секој студент.

„Студентскиот психолог се наоѓа во просториите на студентската поликлиника до студентскиот дом ‘Кузман Јосифовски Питу’“, беше истакнато во тогашното соопштение на УСС УКИМ.

Но, резултатите од нашата Инстаграм анкета покажаа дека само 16 отсто од анкетираните студенти знаат за бесплатната практика. 84 отсто од анкетираните студенти, односно 398 од анкетираните студенти, не знаеа за понудената бесплатна психолошка помош.

Радио МОФ разговараше со студентскиот психолог Бојан Ѓорѓиоски од ЗУ Поликлиника на УКИМ, кој објаснува дека студентската поликлиника е во соработка со Ректоратот на УКИМ уште од своето формирање.

Резултати од анкетата на прашањето „Дали знаеш дека на УКИМ се нуди бесплатна психолошка помош?“

Ѓорѓиоски вели дека во последниот семестар, околу 30-тина студенти ја искористиле психолошката поддршка. Тој посочува дека се уште постои стигмата околу посета на психолог, но според него, тоа е процес на работа кој се движи во добра насока, особено кај  студентите.

„Во мојата пракса со студентите забележувам дека голем дел од нив  отворено зборуваат со своите пријатели за проблемите со кои се соочуваат и за посетата на психолог и наишле на разбирање и поддршка. Истото дури предизвикало интерес и охрабрување кај другите студенти да ја искористат оваа можност што ја нуди нашата поликлиника во соработка со Ректоратот на УКИМ“, вели тој.

Што ги мачи студентите?

Според Ѓорѓиоски, генерално, студентите се соочуваат со анксиозност и стрес при прилагодување на нова средина.

„Кај студентите најчеста појава е анксиозноста, но и различни состојби слични или поврзани со неа. Една од главните теми е стресот предизвикан од испитите и различните барања на факултетот што во одредени случаи се доста големи и го ставаат студентот во ситуација каде што мора да жртвува некои аспекти од своето живеење со цел одржување на одредено ниво на академски успех“, вели тој.

Од друга страна, посочува психологот, кај студентите од другите градови како предизвик се појавува и прилагодувањето на нова средина со нови барања, животот со цимери и ред други нешта со кои студентот треба да се носи.

„Истовремено стипендистите мора да одржуваат одреден просек за редовно добивање на  стипендија во услови кои ги нуди студентскиот живот а сите знаеме тие не се многу поволни“, истакнува Ѓорѓиоски.

Психологот се надоврзува дека сите горенаведени фактори допринесуваат за зголемување на нивото на стрес кај студентите.

„Токму ова е главниот тригер за појавата на одредени психички потешкотии или пак во почести случаи одредени постоечки потешкотии во прилагодувањето на средината, главно поради одредени аспекти на личноста или пак поради не толку адаптивни ставови и верувања, доаѓаат до израз токму во овие моменти и се проблем за студентот да може да остане фокусиран на факултетски задолженија и очекувања“, вели Ѓорѓиоски.

Од друга страна, посочува психологот, кај некои други студенти динамиката е малку поразлична.

„Тие успеваат сосема да се посветат и да ги ‘тргнат’ од фокусот сите нешта што им се некаков проблем и да успеат да излезат на крај со испитите, но потоа кога ќе дојде моментот да се опуштат конечно, одеднаш тогаш се појавуваат некои анксиозни состојби што се резултат на одредени чувства и ментални содржини што студентот морал да ги потисне за време на колоквиумската недела“, вели тој.

Ѓорѓиоски посочува дека кај студентите најчесто се забележува анксиозноста, а во некои случаи и генерализирана анксиозност, а понекогаш поликлиниката доаѓаат и студенти со депресивни епизоди.

„Кај некои од студентите присутни се и одредени фобии. Студентите сакаат да бидат ислушани за најразлични теми: нивниот љубовен живот, односите со семејството, односите со колегите, како до подобра комуникација и асертивност, откривање на вистинските нешта што ги исполнуваат. Како доста присутна тема што се појавува како важен фактор во психичкото здравје на студентите е и употребата на социјалните медиуми, односно прекумерната нивна употреба“, истакнува психологот.

Социјалните медиуми и нивното влијание

Ѓорѓиоски вели дека употребата на социјални мрежи се провлекува како проблематика при разговорите со студентите, особено за тоа како таа влијае врз фокусот за учење, себе-вреднувањето и самодовербата – особено делот што произлегува од чувството за способност за успешно изведување на задачите.

„Токму тргнувајќи од оваа тема кај многу студенти имаше прогрес во начинот на кој тие се справуваат со своите чувства и доживувања на дневна база. Кога ја проширивме перспективата и со студентот согледавме некои негативни аспекти на нашето функционирање и приспособување во склоп на овие современи виртуелни системи, одеднаш однесувањето и реакциите на студентот во одредени ситуации стануваа поразбирливи односно нешто што од новосоздадената перспектива може да се промени на подобро“, објаснува психологот.

Дел од одговорите кои ги добивме на нашата Истаграм анкета

Зборување за сé, наместо молк

Ѓорѓиоски вели дека неговата работа првенствено е насочена кон тоа да изгради однос со студентите кој ќе нуди доверба, блискост и безбедна средина каде што тие можат да зборуваат за сé.

„Самото ова често пати за одредени состојби се покажува како доволно за да можеме заедно со студентот да стигнеме до решение за неговата ситуација кое ќе произлезе од него самиот“, вели тој.

Како значаен момент во целиот процес тој ја издвојува психоедукацијата, која подразбира објаснување за тоа како функционираат одредени емоционални динамики, когнитивни шеми, објаснување на некои психолошки конструкти и поврзување на сето тоа стручно знаење со проблематиката на студентот со цел проширување на неговата перспектива.

„На овој начин стравот кај студентите се намалува бидејќи нивната потешкотија добива некаква форма и не е нешто непознато што треба да го избегнуваат или да се срамат од истото. Во одредени случаи им давам на студентите и практични совети во однос на фокусот, ефективноста во учењето, менаџирање со стресот, но сепак главната цел на разговорите е студентот самиот да стигне до најдоброто решение за него, бидејќи тој е тој што знае што сака и што е најдобро за него. Мојата задача е да му помогнам да стане свесен за тоа“, заклучува психологот Ѓорѓиоски.

Ивана Смилевска