Што пропушти на Радио МОФ?

На крајот на оваа работна недела, Радио МОФ во рубрика ви ги претставува ТОП 5 вестите за изминатата недела, од областа на образованието, културата, граѓанското општество, политиката, животната средина и слично.

Што ги одбележа изминатите седум дена, прочитајте во продолжение.

  1. „Децата ни се жртви на арсенот“ – рударскиот локалитет „Лојане“ фатален за жителите од липковските села

 

 

 

 

 

 

 

 

„Арсенот е насекаде околу нас. Млади деца ни стануваат жртва на арсенот! Државата треба да покаже интерес за здравјето на жителите на Лојане и Ваксинце, за каква вода пијат, каков воздух дишат, каква храна јадат. Мора да се најде решение!“.

Ова е апел за помош од Африм Зимери, професор по географија во училиштето „Рилиндја“, општина Липково, каде настава посетуваат околу 400 деца од селата Лојане и Ваксинце. Нивниот училишен двор се наоѓа на само стотина метри од депонијата од рудникот за хром, антимон и арсен „Лојане“, кој престана да работи во 1979 година. Од тогаш, канцерогените материи од јаловиштето и депонијата со арсен се оставени на отворено, незаштитени и загадуваат се’ околу себе. Најголема опасност доаѓа од 15.000 тони арсен сулфид, арсенски концентрат, па затоа „Лојане“ е сместена во листата на „жешки еколошки точки“, но уште е неисчистена. Локалците бараат спас, заглавени во системска негрижа, негледајќи дека нешто се работи на терен.

2. Мозаиците на Плаошник со години недостапни за јавноста, надежно ќе се отворат во 2022 година

Во време кога мерките против коронавирусот не се толку строги, домашните и странските туристи го посетуваат Охрид поради Охридското езеро, културно лето исполнето со настани, но и поради археолошките објекти. Сепак, северната половина од локалитетот Плаошник каде што се сместени и повеќето мозаици, со години останува затворена за посетителите.

Кога мозаиците ќе бидат достапни за јавноста, го прашавме директорот на НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј-Охрид, Мишко Тутковски. И тој нема конкретен одговор. Единствено појаснува дека во 2017 година се стопирани археолошките ископувања и конзервацијата на откриените градби кои се одвиваа во рамки на тогашните проекти.

3. Имам право на достоинствен живот – протестираа лицата со попреченост

Со транспаренти и знаменца со натпис „Имам право на достоинствен живот“, луѓето со попреченост, нивните семејства и здруженијата организираат протест за да ги побараат нивните права за еднаквост во македонското општество. Дојдени беа лица во колички, лица со кучиња помошница, лица кои побараат основни човекови права.

Ребека Јанковска-Ристески, мајка на дете со попреченост, во емотивен говор пред насобраните побара поголема свесност од сите и поддршка за овие лица.

„Еден ден можеби и тие ќе бидат лица со попреченост, еден ден можеби и тие ќе имаат внуче, син, ќерка.. Едноставно кај нас во државата свесноста одамна престана да постои. Можеби ќе излегуваме и многу почесто на протести, многу работи не ни се допаѓаат. Јас сум тука како родител, како пријател на ова група луѓе, колку можам помагам, но, навистина веќе е доста. Мора да ни ги дадат правата кои ги бараме. Тоа се основни човекови права, право да излеземе надвор, право да живееме…“, истакна таа, забележувајќи дека и политичарите ги нема никаде, тогаш кога протестираат луѓето со попречености.

4. Типографот Ласко Џуровски изработи фонт од ракописот на Кочо Рацин

Дигитализација на ракописот и изработка на фонт со 24 мали кирилични букви врз основа на оригинални документи напишани од македонскиот книжевник Кочо Рацин, е најновиот проект на типографот и графички дизајнер Ласко Џуровски.

„Се обидувам максимално да ја задржам автентичноста на неговиот ракопис, се разбира, со мали модификации неопходни за негова употреба во нашава, дигитална сегашност“, соопшти тој.

5. [Фото] Село Стојаково направи „попис“ на штркови – изброени 163 млади штркчиња

Месната заедница Стојаково, која е дел од Општината Богданци, неодамна ги преброја и направи „попис“ на штрковите. При пребројувањето, установени се 47 гнезда, 94 возрасни штркови и 163 млади штркови.

Оттаму истакнуваат дека селото Стојаково е рамничарско село и има две големи предности – прво, има доволно безбедни места за гнездење, речиси повеќето од гнездата се на далноводи, на кои често има платформи за штркови поставени од „ЕВН Македонија“ и второ, околните обработливи површини, близината на Вардар и влажните ливади околу локалитетот Ѓол и Ѓиренот нудат доволно храна за штрковите.