Јасмина Трошанска: Компаниите да создаваат работна средина каде лицата од спектарот на аутизмот ќе ги достигнат потенцијалите

Здружението „Сина светулка“ во периодот кој следува, до 1 април 2024 година, заедно со меѓународните партнери ќе работи на истражување, методологија, курикулум и едукативна платформа за претприемачите, кои ќе имаат цел да вработат лица со нарушувања од спектарот на аутизам. 

Радио МОФ разговараше со специјалниот едукатор и професор Јасмина Трошанска, која вели дека нивното Здружение гледа потреба компаниите да создаваат услови за поефективна инклузија на пазарот на трудот.

Кај нас, вели таа, немаме евиденција на вработени лица со аутизам воопшто. Дополнително, високофункционалните лица од спектарот на аутизмот се недијагностицирани. Тие често и се непрепознаени од работодавачите и колегите, кои не ја поимаат нивната состојба, пример Аспергеров синдром, туку дека имаат „чуден“ колега на работа, со „специфични однесувања“ и сл.

„Иако овие лица често се успешни во својата професија, способни, тие се несреќни на работното место. Многу пати нашите компании на работните места бараат голема флексибилност, а токму тоа е главен проблем на лицата со нарушувања од спектарот на аутизмот. Тоа значи, постојано менување на распоредот на обврските, условите за работа, дополнително работно време, ‘дојди утре уште еден час’, или ‘дојди утре порано’. Целата таа средина влијае да не може да ги искажат силните страни. Да ги искажат во вистинско светло своите потенцијали“, посочува Трошанска.

Оттука, преку проектот „Labor Inclusion for People with Autism” (LIPS) ќе одат чекор понапред, да се менуваат овие пракси преку работодавачите, лека полека. Да се создаваат протоколи, организација на работното место и средина што нема да генерира стрес. Работна средина што ќе биде прифатена и соодветна за сите подеднакво.

„Овде не се работи за креирање нови работни места, туку на начинот на функционирање на работното место. Значи, точен план на активности, задачи, воведување ред. Потребни се протоколи, бидејќи лицата со нарушувања од спектарот на аутизмот почитуваат ред и правила, што е доблест. Тие правила можат да бидат корисни за сите вработени во компаниите, за да се подигне нивото на работа и да се намали можноста за заситување и професионално согорување“, посочува Трошанска.

Истовремено, нагласува таа, освен протоколите што би ја исклучиле непредвидливоста на работниот ден, тие би ја намалувале и можноста за манипулација врз лицата од спектарот. Ова доаѓа од фактот што овие лица не препознаваат ако некој сака да ги искористи, ако некој има задни намери. Не препознаваат лаги, иронија, сарказам, цинизам… Туку се искрени и вредни.

„Често пати луѓето што се високофункционални, а се во спектарот, уште од рана возраст во училиштата трпат булинг. Не знаат да ги протолкуваат лошите намери на соучениците. Тоа се пренесува и на пазарот на трудот, во компаниите. Кога бевме во Валенсија, преку настан ‘Learning lap’, имавме можност да се состанеме со лица од спектарот што се успешни. Пример, дел од нив работат во компјутерската технологија. Имаше лице што креира анимирани филмови и има добиено награди на светско ниво. Тој и неговата сопруга се во спектарот, сопственици се на приватна компанија, но напоменаа дека кога одат да преговараат за работа – не можат да ја препознаат намерата на работодавачот. Затоа се потребни строги правила, протоколи за да не ги манипулираат, а ќе важат за сите. Зошто лицата од спектарот да паднат во депресија, да се чувствуваат измамени и неуспешни, иако се способни? Влијанието од другите луѓе може да им ја промени кариерата“, објаснува Трошанска.

Затоа, повторува дека е нужно цело општество, заедно со пазарот на трудот, да не ја гледа „попреченоста“, туку потенцијалите. За цртање, анимирање, сметање, компјутерски вештини… Компаниите да бидат општествено одговорни, не затоа што имаат обврска да вработуваат „лица со попреченост“, туку тоа да го перцепираат како можност за развој.

„Во Европа таквата одговорност постои и во законодавството. Во Словенија, пример, секоја фирма од десет вработени мора да е еден со попреченост. Кај нас, регулативи овозможуваат вработување лица со попреченост. Работодавачите добиваат и средства, даночни олеснувања и слично, ама тоа не функционира соодветно. Некои се вработени, но не одат на работа, постојат манипулации. Едноставно, не се користи нивниот потенцијал. А, целта е сите да бидат среќни и продуктивни. Дома, училиште, работа, насекаде. Да имаат некаков тек во животот. Секојдневие“, вели Трошанска.

За неа сето ова е нов предизвик, бидејќи досега работела со образование, и уште работи со образование.

„Ова е следната фаза, бидејќи инклузивниот образовен процес е тесно поврзан и со пазарот на трудот. Мора да станат препознаени, исполнети, корисни граѓани, а не да креираме социјални случаи. Тоа е инклузија, да се вклучат, да работат, да живеат исто како и останатите“, констатира Трошанска.

Бојан Шашевски