Симболична трка по кејот на Вардар за лицата со аутизам

Здружението „Сина светулка“ заедно со KoRЯunners најавија симболична трка која ќе се одржи утре (2 август) на кејот на Вардар во Скопје, по повод Светскиот ден за подигнување на свесноста за аутизмот.

Трката ќе започне во 17 часот и ќе се одржува согласно мерките и протоколите за одржување на растојание.

Од Здружението велат дека инклузијата на лицата со нарушувања од спектарот на аутизам не значи само инклузија во училиштата, туку во сите сфери на општеството, вклучувајќи го и спортот.

Здружението „Сина светулка“ активно учествува во подигнување на свесноста и нивото на третман на децата и лицата со нарушувања од спектарот на аутизам во нашата држава. Тие иако се соочиле со голем број на предизвици, преку проектот „Аутизам-онлајн поддршка“ се обидоа да дадат свој придонес во олеснувањето на секојдневните предизвици со кои се соочуваат децата, родителите и наставниците кои работат со оваа проблематика.

„Во периодот што следува организаме бесплатни консултации и индивидуална поддршка на семејствата и децата со аутизам во нашите нови простории кои се наоѓаат на улица Васил Ѓоргов бр: 30/4.  Исто така, оваа година ќе следуваат и бесплатни едукации за сите стручни лица наменети за стекнување на знаења и вештини за примена на стратегии за справување со предизвиците во однесувањето на децата со аутизам во редовните училишта кои ќе ги организираме преку проектот “A-class” integrating and supporting students with autism in the mainstream classroom“, најавуваат од здружението.

Втори април како светски ден за подигнување на свесноста за аутизмот се одбележува од 2008 година, на предлог на државата Катар со одлука на Генералното собрание на ООН. Од тогаш, во сите земји членки на овој ден се организираат настани кои имаат цел да го насочат вниманието кон нарушувањата од спектарот на аутизам и предизвиците со кои се соочуваат оваа група на граѓани и нивните семејства.