„Сина светулка“ со европски здруженија ќе работи на платформа за вработување лица со аутизам

Здружението „Сина светулка“ информира дека во периодот кој следува, до 1 април 2024 година, заедно со партнерите ќе работи на истражување, методологија, курикулум и едукативна платформа за претприемачите кои имаат за цел да вработат лица со нарушувања од спектарот на аутизам.

Од „Сина светулка“ објаснуваат дека ваквите активности се дел од проектот „Labor Inclusion for People with Autism” или накратко LIPS, кој се фокусира на инклузија на пазарот на трудот.

„Кога станува збор за вработувањето и лицата со аутизам во нашата држава, според податоците, немаме евиденција на вработени лица со аутизам воопшто. Меѓутоа, во разговорите за оваа проблематика, голем дел од луѓето можат да кажат дека на своите работни места имаат колеги кои можеби ги имаат карактеристиките на Аспергер-ов синдром. Кај нас, оваа проблематика не се дијагностицира, односно децата со аутизам се дијагностицираат само доколку имаат значајни проблеми, а додека пак дијагностиката на возрасни не постои“, велат од организацијата „Сина светулка“, која информира за започнатиот проект „Labor Inclusion for People with Autism“ што ги третира овие работи.

Од „Сина светулка“ посочуваат дека голем дел од лицата со Аспергеров синдром, имаат проблем со депресија, анксиозност, АДХД или опсесивно компулсивни нарушувања, за кои бараат медицинска поддршка. Меѓутоа, велат тие, причината за овие проблеми, односно фактот дека овие лица спаѓаат во нарушувањата од спектарот на аутизам, најчесто останува непрепознаен.

Оттука, посочуваат дека во рамки на проектот, собирано е првично искуство преку „Learning Lab“ во Валенсија.

„Во рамките на оваа активност, лица кои се во спектарот на аутизам (Аспергеров синдром), кои се успешни во нивните професии (најчесто анимираната филмска индустрија, обработка на податоци, маркетинг менаџмент) зборуваа од свое лично искуство за потребите и предизвиците со кои се соочуваат или се соочувале на своите работни места. Беше истакнато дека за успешно функционирање на работното место неопходно е креирање и почитување на протоколи кои би ги исклучиле можностите за непредвидливост на работниот ден, но и можностите за манипулација од страна на некои работодавци и колеги, кои често пати можат да влијаат на лицата кои се во спектарот на аутизам“, велат од „Сина светулка“.

Според разговорот, и стручните лица, и бизнисмените се согласиле дека предлогот на лицата кои се во спектарот на аутизам, за постоење на протокол за работа со кој ќе се регулира работниот ден, работните задачи, начинот на комуникација и реализација на работните задачи, може да биде многу корисен за сите вработени во компаниите.

„Ваквиот протокол би содржел јасни правила, кои доколку ги почитуваат сите вработени во компанијата, ќе се зголеми нивната ефикасност а истовремено ќе се намали можноста за заситување и професионално согорување“, посочуваат од организацијата.

Инаку, проектот LIPS е финансиран од Еразмус + програмата на ЕУ и започна со своите активности од 1 октомври. Координиран е од LAGO BECU SL oд Валенсија, Шпанија, а партнери се Fundacja Zrozumiec Autyzm од Лоѓ (Полска), „Сина Светулка“ (Македонија) и Zbornica za razvoj podjetnikov (Словенија).

Фото: Сина светулка