53. издание на „Лице в лице“ во фокус на создавање инклузивен пазар на труд

Од печат излезе 53. издание на списанието за одржлив развој, „Лице в лице“ во дизајн на „Контура“. Изданието е посветено темата: создавање инклузивен пазар на труд.

Новите страници на „Лице в лице“ носат содржини посветени и на влијанието на вештачката интелигенција врз иднината на работните места, портрет приказни за продавачите, работата на фриленсерите, за (не)приврзаноста на младите кон училиштето, и уште многу други теми.

„Сè повеќе млади не го сакаат стандардниот начин на работа од девет до пет. Имаат поинакви вредности, не се разбираат со работодавачите. Дали треба да ги превоспитуваме? Не, треба да се прилагодиме едни на други! Инпутите што доаѓаат од таа страна носат многу, ако знаеме да ги прочитаме“, вели Климентина Илијевски, извршна директорка на Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој „Паблик“, издавач на „Лице в лице“.

Преку актуелните содржини бројот се осврнува на одговорите како да се активира долгорочно невработеното население, но, и како да се задоволат барањата на бизнисите.

Илијевски нагласува дека не можеме да прескокнеме преку тоа дека долгото отсуство од пазарот на труд, некои лица ги прави поразлични, и дека им е потребно време за адаптација, менторство, надворешно – од социјален ментор и внатрешно, од ментор за професионална интеграција на работното место.

„Промената е лична, а се одразува на целиот систем. Носи помотивирани и посреќни вработени кои што чувствуваат припадност во колективот и го користат својот максимален потенцијал со што се зголемува и ефикасноста на бизнисот, како и неговата добивка. Инклузивноста и инклузивните работни места се новиот потенцијал на бизнисот да привлекува и да задржува вработени“, додава таа.

Изданието може да се набави и преку веб продавница, достапна на линкот.