Иселувањето и стареењето на населението најголем проблем – Дебата за вештините на младите и потребите на пазарот

„Способностите на младите луѓе и потребите на пазарот: Какви вештини се неопходни“ беше тема на дебатата што се одржа во Europe House – Скопје како прва од дискусиите во рамките на „Европската година на вештините“.

По минатата година која беше прогласена за „Годината на младите“, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, најави дека 2023 ќе биде „Година на вештините“, со зголемени фондови за специфични програми како ЕСФ+, Хоризонт, Дигитална Европа…

Дебатата ја отвори евроамбасадорот Дејвид Гир, а во дискусијата учествуваа Младен Фрчковски од Министерството за труд и социјална политика (МТСП), Горан Петровски од Агенцијата за вработување, Бојан Тодоровски од Бизнис-конфедерацијата, Билјана Стојческа од Младинскиот сојуз од Крушево и Зоран Илиески .

Модераторот Блажен Малески од Регионалната канцеларија за младинска соработка РИКО посочи дека во Извештајот за прогрес неколкупати е забележано дека вештините на младите во С. Македонија се за десет пати пониски во споредба со бројките во земјите од ЕУ.

Според Извештајот за прогрес, 80 отсто од долгорочно невработените немаат доволно развиени вештини и тоа е последица на невработеноста. Младен Фрчковски објасни дека е при крај оперативниот план за 2023 година, а во мерките за вработување воведуваат и пилот-мерки. Годишните извештаи на Агенцијата за вработување покажале дека повеќе од 60 отсто од барателите на работа се со минимално завршено основно или незавршено средно образование. По серија разговори со стопанските комори и технолошко-индустриските развојни зони, од сите добиле иста порака.

„Не им е важно образованието, важно е дека им требаат работници – сега. Значи имаме работна сила од околу 80.000 работници кои компаниите-членки на стопанските комори можат да ги ангажираат. Затоа во обуките дефиниравме дека може да бидат и лица со завршено основно образование. Добиваме податоци од центрите за социјална работа, лицата добиваат психолошко-социјална и менторска поддршка, па се пренасочуваат во делот за услуги каде што се изработува индивидуален план за вработување“, објасни Фрчковски.

Горан Петровски појасни дека Агенцијата за вработување е повеќе техничко тело кое ги спроведува веќе донесените политики и стратешки документи. Годишните планови се темелат на две активни мерки – директно вработување и зајакнување на капацитетите преку обуки. Тука е и можноста „Втора шанса“, пилот-мерки за дооформување на средното стручно образование.

„Голем е интересот за обуки, особено кај младите. Правиме анализа за потребата на вештини според потребите на барателите. Тука е и можноста Гаранција за млади, чиј фокус се напредни вештини кои бараат предзнаење. Но, голема е бројката на млади лица кои немаат доволно основни познавања. Неопходно е да се фокусираме и на оваа група млади на кои им се неопходни брзи обуки за основни вештини во текот на целата година за да се зголемат нивните капацитети. Имаме проблем со мал фонд за оваа намена“, вели Петровски.

Зоран Илиески потенцира дека владините институции треба да имаат повеќе слух за реалните состојби на терен. Според него соработката мора да биде интензивна и младинските организации да не бидат вклучени само во креирањето политики и стратегии, туку и во нивното спроведување и во мониторингот и евалуациите.

„Ние уште пред 10 години укажувавме дека земјава ќе остане без работници, проблемот со кој денес се соочува бизнис-секторот. Денес, податоците од терен кажуваат дека младите немаат доверба во програмата Гаранција за млади. Мерките не се стабилни, тие се краткорочни и не гарантираат долгорочно вработување. Сево ова ги обесхрабрува младите. Државата мора да ја врати довербата. Таа ќе покаже поголема свесност ако во текот на целата година ги регрутира младите. Граѓанскиот сектор има капацитет да работиме заедно и да направиме промени. Во моментот во Струмица се увезува работна сила од Романија. Бизнисот секогаш ќе најде работници, но државата нема да ги задржи младите“, вели Илиески.

За бизнис-заедницата, најголем проблем е огромното стареење на населението и иселувањето на младите, вели Бојан Тодоровски. Тој посочува дека компаниите секојдневно се соочуваат со недостаток на кадар, без оглед на големината или видот на претпријатието, до моментот кога веќе не бараат диплома, туку исклучиво вештини. Според него комотни се само големите компании кои имаат пари и технологија да вложуваат во наградување на своите вработени. Од друга страна, огромна е бројката на микропретпријатија кои се оставени сами на себе и немаат можност за развој.

Тодоровски ја потенцира Програмата за млади претприемачи што ја имплементираат со помош на ЕУ. Тој вели дека бизнис-секторот е консултиран и инволвиран во креирањето политики, но треба да се поттикне комуникација помеѓу државните институции, бизнис-секторот и образовните институции.

„Во моментов најмногу трпат образовните институции. Не навлегуваме во тоа дали поради погрешни политики, ниту вперуваме прст. Но, за состојбата со невработеноста не можеме да ги обвиниме јавните образовни институции. Има перцепција на неатрактивност на формалното образование, за сметка на скапите неформални образовни институции. Бизнис-секторот не треба да се доведе во прашање дали воопшто вреди средното образование да се остави задолжително“, рече тој.

Билјана Стојческа повеќе од 12 години работи со млади, вработувања и претприемништво како дел од невладиниот сектор. Таа посочи дека со светската економска криза, до 2025 година 85 милиони луѓе ќе ја загубат работата и ќе бидат заменети со машини. Таа гледа голема шанса за вработување преку меѓуграничната соработка со Бугарија и Грција.

„Работиме на повеќе проекти паралелно. Еден од нив е решавање комплексни проблеми. Треба да ги научиме младите како да живеат и да се справуваат со проблемите, не да бегаат од нив или да се иселуваат од државата“, вели Стојческа, додавајќи дека бизнис-заедницата треба да биде посензибилна за соработка со младинските организации.

Евроамбасадорот Дејвид Гир рече дека има многу причини што 2023 е прогласена за „Година на вештините“.

„Вештините значат добри работни места, надградувањето е добро за економијата, а најважно од сè, добро е за луѓето. Потребите на пазарот на трудот рапидно се менуваат и ја нагласуваат неопходноста од нови вештини, дигитални, зелени вештини. Делегацијата на Европската Унија многу е посветена на младите и нивниот просперитет тука, не само затоа што е важно за оваа земја, тука затоа што тие се идни ЕУ-граѓани и носат позитивна промена“, рече Гир.

Евроамбасадорот заклучи дека проблемите може да се надминат исклучиво со соработка меѓу сите чинители во општеството. Тој најави дека Делегацијата на ЕУ годинава ќе организира повеќе дебати на оваа тема.