Ковид-19 затвори 22 милиони работни места во развиените земји – Младите најпогодени од пандемијата

Околу 22 милиони работни места згаснаа во развиените економии поради пандемијата на Ковид-19, соопшти Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД).

Годишните извештаи за вработување на ОЕЦД покажале дека шемите за задржување на работните места, кои се појавија во екот на кризата со коронавирусот, зачувале околу 21 милиони работни места. Сепак, богатите нации се соочуваат со закана од зголемување на стапката на долгорочна невработеност, бидејќи многу од ниско квалификуваните работници се раселени поради пандемиската борба за пополнување на нови работни места.

„Многу од работните места изгубени за време на оваа пандемиска криза нема да бидат обновени“, вели Стефан Карсило, раководител на одделот за вработување и приход на ОЕЦД.

Во мај 2021 година, невработеноста меѓу земјите на ОЕЦД падна на 6,6%, но остана најмалку 1% над нивото на пред-пандемискиот период. Од 22 милиони кои остануваат без работа низ развиените држави, 8 милиони се невработени, а 14 милиони се сметаат за неактивни.

Од ОЕЦД не очекуваат дека вработувањетото меѓу земјите-членки ќе се врати во нормала до третиот квартал на 2023 година. Сепак, одделни земји како што се оние во Азија-Пацифик, кои покажале подобро справување со кризата, може побрзо да се подобрат.

Влијанието на постојаното недоволно вработување се очекува најлошо да го почувствуваат ранливите, жени и ниско квалификувани работници, кои се диспропорционално застапени во секторите тешко погодени од пандемијата. Младите, исто така, веројатно ќе бидат попогодени од пошироката возрасна работна популација, се наведува во извештајот.

„Лузните може да се чувствуваат подолго време кај младите луѓе во однос на вработувањето и платите“, рече Стефано Скарпета, директор за вработување, труд и социјала во ОЕЦД.

Според извештајот на ОЕЦД, влијанието кај младите е најмалку двојно поголемо отколку кај возрасните воопшто. Па така, младите во Канада, САД, Мексико и Шпанија беа меѓу најтешко погодените.

Потребни беа цели 10 години вработувањето на младите да се врати на нормалното ниво по Глобалната финансиска криза во 2008 година, велат податоците на ОЕЦД.

За да се избегне тој „ефект на лузни“, овојпат треба да се преземат поголеми мерки за да се инвестира во млади луѓе, на пример преку учење и преквалификација, смета Скарпета.

Во меѓувреме, појавата на далечинска работа е светла точка во целата ситуацијата, охрабрувајќи ги работодавците да бидат пофлексибилни и поинклузивни во нивните работни политики.

Сепак, Скарпета забележува дека останува да се решат предизвиците за пристапност, како во однос на тоа кој може да работи од далечина, но и на потребните ресурси за тоа.

„Во спротивно, тоа може да прерасне во уште една поделба на пазарот на трудот“, рече тој.