„Кажи кога“: Повик за работилница за јавни простори и улогата на жителите и општините

Здружението „Кажи кога – Центар за инклузивен развој“- Скопје во рамки на проектот „Наш град“, организира еднодневна работилница, посветена на јавните простори и улогата на жителите и општините во нивното планирање, одржување и трансформација. Информативно-едукативната сесија ќе се одржи на 10 ноември во „Public room“, со почеток во 10 и 30 часот.

Работилницата е наменета за жителите на општина Аеродром и Кисела Вода, како и за сите оние чие привремено живеалиште е лоцирано во урбаните населени места на двете општини.

„Целта на работилницата е учесниците да се запознаат со основите на концептот “Placemaking”, односно, обликување и трансформирање на јавните простори заради зајакнување на врската помеѓу луѓето и општествениот простор кој го делат со останатите свои соседи, сожители, минувачи“, велат од здружението.

Преку дискусија, размена на лични искуства и мислења, учесниците ќе ги мапираат запуштените простори кои со малку труд можат да бидат разубавени, а ќе ги идентификуваат клучните проблеми со јавните простори во нивното соседство, маало, општина, кои ги засегаат лично нив или било која категорија на граѓани.

„Мислењата, препораките и заклучоците од работилницата треба да послужат како предлог-„мапа“ за поубави населби и маала, која ќе се презентира пред двете општини“, дополнуваат од „Кажи кога“.

Заинтерисираните за учество во работилницата можат да се пријават тука или на kazikoga@gmail.com. Задолжително е да поседувате сертификат за вакцинација против Ковид-19 или потврда за прележан ковид, не постар од 6 месеци.