Февруари – месец на Борко Лазески во Националната галерија на Македонија

Националната галерија на Македонија објави монографија „Борко Лазески – 100 години од раѓање“ по повод еден век од раѓањето на најпознатиот македонски монументалист, академски сликар, педагог, продолжувач на традицијата на фрескосликарството и втемелувач на витражот.

Монографијата ќе биде промовирана на 8 февруари во Македонската академија на науките и уметностите. На 15-ти месецов ќе биде отворена изложба на негови дела во галеријата Даут-пашин амам, каде што на 28 февруари НГМ ќе организира и предавање за Лазески (1917-1993).

Автори на текстовите во монографското издание се д-р Дита Старова-Ќерими, Соња Абаџиева, Маја Чанкуловска-Михајловска и Лазо Плавевски.

Борко Лазески е автор на монументалната (225 метри квадратни) „Фреска за НОБ“ во холот на некогашната Скопска железничка станица. Таа имала големо влијание врз уметниците од 1950-тите години, но била уништена во земјотресот во 1963. Лоша судбина имаа и пет кубистички фрески со мотиви од Народноослободителната војна на ѕидовите во главната сала на главната Пошта во Скопје кои изгореа во пожар во јануари 2013.

Ѕидно сликарство со потпис на Лазески има во Историскиот музеј во Крушево, во касарната во Велес, во Участокот или попознат како Музеј „11 Октомври“ во Прилеп, потоа во Кичево, а негови витражи може да се видат во Македониумот во Крушево и Дирекцијата на Стопанска Банка Скопје во ГТЦ, а и муралот и витражот во Комплексот банки (Зградата на Нaродна Банка) во Скопје.

Од 1956 до 1958 Лазески како стипендист на француската влада бил во Париз и како завршен студент ги учел монументалните техники во студиото на Андре Лот. Во Багдад, пак, бил професор на Ликовната академија од 1960 до 1967 година. Од тој период авторот има обемен опус на слики поврзани со животот во Ирак.

Најпознатиот македонски муралист е и еден од основачите на Средното уметничко училиште, неговата кариера ја обележува и педагошката работа од која произлегол учебникот „Ликовна култура“.