Фејсбук и Инстаграм воведуваат нови рестрикции за тинејџерите

Компанијата „Мета“ информираше дека ќе сокрие содржи од тинејџерите на Фејсбук и Инстаграм, откако регулaторите низ светот го притиснаа гигантот на социјални мрежи да ги заштити децата од штетни содржини.

Сите тинејџери ќе бидат ставени под рестриктивни поставки за контрола на содржината на апликациите и дополнителните термини за пребарување ќе бидат ограничени на Инстаграм, информираше „Мета“.

Овој потег, велат од таму, ќе им отежне на тинејџерите да наидат на осетливи содржини како што се самоубиство, самоповредување и нарушувања во исхраната кога пребаруваат нешто на Инстаграм.

Според компанијата, мерките кои ќе важат за корисниците под 18 години и кои се очекува да се применат во текот на следните недели, ќе помогнат да се обезбеди искуство што ќе биде „соодветно на возраста“.

„Мета“ е под притисок и во Соединетите држави и во Европа поради наводите дека нејзините апликации создаваат зависност и помогнале да се поттикне кризата со менталното здравје кај младите.

Јавните обвинители на 33 американски држави, вклучувајќи ги Калифорнија и Њујорк, ја тужеа компанијата во октомври, велејќи дека таа постојано ја ставала јавноста во заблуда за опасностите од нејзините платформи.

Во Европа, Европската комисија побара информации за тоа како „Мета“ ги штити децата од нелегални и штетни содржини.

Според Артуро Бехар, свиркач од „Мета“ кој сведочеше пред американскиот Сенат, компанијата континуирано игнорирала предупредувања за штетното влијание на своите социјални мрежи врз младите корисници. Ова тврдење беше потврдено со документи кои беа обелоденети при друга тужба против компанијата, како и од документите кои беа објавени од свиркачот Франсес Хауген во 2021 година.

Бехар сега вели дека промените на „Мета“ не го решава она за што бил загрижен, односно сè уште не нудат начин тинејџерите лесно да пријавуваат несоодветна содржина.

„Ова треба да биде разговор за цели и бројки, за штетата што ја доживуваат тинејџерите“, изјави тој за Ројтерс.