Инстаграм и Фејсбук отсега ќе наплаќаат за верификување на профили

Корисниците на Фејсбук и Инстаграм ширум светот наскоро ќе мораат да платат доколку сакаат да имаат верифициран профил, пренесува „Гардијан“.

Сопственикот на компанијата „Мета“, Марк Закерберг, вчера преку Фејсбук пост најави дека промената ќе започне следната недела прво кај корисниците во Австралија и Нов Зеланд.

Верификувањето ќе чини 11.99 американски долари месечно за веб и 14.99 долари за Андроид и iOS, односно Ајфон.

За да го провери идентитетот на корисниците, „Мета“ ќе се потпира на владините документи за идентификација со цел да избегне официјализирање на профили кои имитираат луѓе, како што се случи на Твитер кога компанијата ја воведе опцијата верификувањето да се наплаќа. Исто така, корисниците кои сакаат да платат за синиот знак треба имаат над 18 години и да имаат претходни објави на нивниот профил.

Покрај синото знакче, верификуваните профили ќе добијат дополнителна заштита од копирање, подобрен досег за други верификувани корисници и директен пристап до опцијата „поддршка за корисници“.

Опцијата за верификување засега нема да биде достапна за бизнис профилите.

„Зголемената видливост на верификуваните профили ќе влијае од тоа колкава публика го следи тој профил и од темата на нивните објави, што значи дека тие со помала публика може да добијат поголемо влијание“, изјавиле од „Мета“.