Избришани илјадници лажни Фејсбук профили од Кина чија цел била поларизација на САД

Некој во Кина направил илјадници лажни Фејсбук и Инстаграм профили кои имитирале Американци и се користеле за ширење поларизирачки политички содржини, најверојатно со цел да направи поделби во САД пред изборите закажани за следната година, соопштија од компанијата Мета.

Мрежата од речиси 4.800 лажни профили се обидувала да привлече публика во моментот кога била идентификувана и елиминирана од технолошката компанија во чија сопственост се Фејсбук и Инстаграм.

Профилите користеле лажни фотографии, имиња и локации со цел да изгледаат како обични американски Фејсбук корисници кои дискутираат на политички теми.

Наместо да шират лажни содржини, како што тоа го прават други слични вакви мрежи, овие профили се користеле за споделување на објави од Х (Твитер) од политичари, медиуми и други личности и организации. Поврзаните профили преземале содржини и од конзервативни и од либерални извори, што покажува дека нивната цел не била да поддржат одредена страна, туку да ги засилат партиските поделби и дополнително да ја разгорат поларизацијата на американското општество, пренесе Гардијан.

Оваа нова идентификувана мрежа покажува како странските непријатели на САД се обидуваат да ги искористат американските технолошки платформи за да внесат незадоволство и недоверба и потсетуваат на сериозната закана од онлајн дезинформациите следната година, кога треба да се одржат избори во САД, Индија, Мексико, Украина, Пакистан, Тајван и други држави.

„Овие мрежи имаат проблем да создадат публика, но тие се предупредување. Странски актери се обидуваат да стигнат до луѓе низ интернетот пред следните избори и ние мора да останеме претпазливи“, објаснува Бен Нимо, кој ги предводи истрагите во неавтентични однесувања на платофрмите на Мета.