Белоруските тајни служби користеле лажни профили за да подгреваат гранични тензии со Полска, велат од Мета

Компанијата Мета, која стои зад Фејсбук и Инстаграм, соопшти дека отстранила мрежа на лажни профили кои ги подгревале тензиите во пограничниот конфликт меѓу Полска и Белорусија.

Од компанијата додадоа и дека одреден број од овие лажни профили биле поврзани со белоруските служби за државна безбедност (КГБ). Овие профили лажно се претставувале како новинари и активисти и објавувале содржини за тоа како полските граничари наводно ги прекршуваат правата на мигрантите.

Дел од профилите користеле вештачка интелигенција за да генерираат фотографии за нивните профили. Мета вели дека мрежата најмногу се обаќала кон публика во Блискиот Исток и Европа и објавувала содржини на англиски, полски и курдски јазик.

Според Мета станува збор за 41 Фејсбук профил, пет Фејсбук групи и четири Инстаграм профили кои биле поврзани во мрежата.

Во меѓувреме откриени се и лажни профили во Полска, кои најчесто таргетирале Ирачани во обид да ги обесхрабрат мигрантите од влез во Европската Унија.

Се работело за 31 Фејсбук профили, четири групи и два настани, како и четири Инстаграм профили. Најголем дел од овие лажни профили објавувале содржини претставувајќи се како мигранти кои имале многу лоши искуства во обидите да ја преминат границата од Белорусија и Полска. Дополнително се објавувале и содржини за полските строги анти-мигрантски политики, како и за тоа колку мигрантите тешко живеат во Европа.

Сите овие профили биле отстранети од социјалните мрежи поради нарушување на нивните правила против „координирано неавтентично однесување“.

Неколку недели стотици мигранти беа заробени во пограничната зона меѓу овие две држави, на работ на надворешната граница на ЕУ. Организациите за човекови права велат дека 13 луѓе ги загубиле животите поради лошите временски услови на локацијата.

Брисел го обвини Минск за потпомагање на мигрантите да ја преминат границата за да ја дестабилизираат Унијата како одговор на санкциите кои ЕУ ги воведе на Белорусија. Белоруските власти ги негираат ваквите обвинувања.